Дознајте повеќе за Свети Василиј Велики
Роден е во времето на царот Константин. Уште како некрстен, петнаесет години во Атина изучувал филозофија, реторика, астрономија и сите други светски науки на она време. Школски другари му биле Свети Григориј Богослов и Јулијан, подоцна цар отстапник. Во зрелите години се крстил на реката Јордан заедно со својот поранешен учител Евул. Бил епископ на Кесарија Кападокиска речиси десет години, а својот земен живот го завршил кога наполнил педесет години од раѓањето. Голем поборник на Православието, голем зрак на морална чистота и набожна ревност, голем богословски ум, голем устроител и столб на Божјата Црква – Василиј се нарекува Велики потполно заслужено. Во црковните богослужби најчесто е нарекуван пчела на Црквата Христова, која им дава мед на верните и осило на еретиците. Сочувани се многубројни дела на овој отец на Црквата, како и литургија наречена според неговото име. Василиевата литургија се служи десет пати во годината: во неделите на Великиот Пост, на денот на свети Василиј, наспроти Божиќ и Богојавление, на Велики Четврток и на Велика Сабота. Свети Василиј се упокоил мирно на 1 јануари 379 година, кога се преселил во Царството на својот Господ.

Во чест на Свети Василиj Велики во продолжение можете да слушнете една прекрасна музичка изведба.
