Повеќе од плажа: Работи што мора да ги доживеете на Бермуда

Се разбира дека на Бермуда се оди пред сè поради прекрасните плажи. Но, овој мал остров во Атлантскиот Океан нуди многу повеќе отколку само излежување на песокот.
Иако географски не припаѓа на Карибите, Бермуда ја дели истата богата историја исполнета со колонијални влијанија, приказни за пирати и традиција на дестилирање рум. Зад палмите и златниот песок се крие фасцинантна внатрешност која чека да биде откриена.
Без разлика дали барате мирно бегство од секојдневието, активна островска авантура или длабоко нуркање во историјата, ви предлагаме девет нешта со кои можете да ги збогатите вашите денови на Бермуда.

1. Пробајте го автентичниот бермудски рум
Официјалниот рум на островот е Goslings, кој е главна состојка во култниот локален коктел Dark and Stormy (микс од рум, сок од ѓумбир и лимета). Тука е и неофицијалниот национален пијалок Rum Swizzle – направен од три префинети видови на рум и свежи овошни сокови. Дури и ако румот не е ваш прв избор, Бермуда едноставно ве мами да ги пробате овие класици кои се служат во речиси секој паб и хотелски бар.
2. Вкусете го специфичниот рибен сендвич
Можеби сте јаделе рибен сендвич на други места, но бермудскиот е сосема поинакво искуство. На овој идиличен остров, свежиот улов на денот најчесто бела, крцкава риба, се пржи и се сервира помеѓу парчиња слаткаст леб со суво грозје, премачкан со тартар сос и лут сос.
Локалците секогаш го нарачуваат со додатоци: зелена салата, домат, кромид и дополнителен тартар сос на страна. Комбинацијата можеби звучи необично, но нема да зажалите ако ја пробате. Најдобрите рибни сендвичи ќе ги најдете во малите, автентични локали.

3. Доживејте го островот од палуба
Крстарењето покрај нерамниот брег ќе ви овозможи да ја видите топографијата на Бермуда од сосема нов агол. Ова е истиот поглед кој некогаш ги пречекувал пиратите, шверцерите и морнарите на Кралската морнарица кои ги прогонувале. Без разлика дали станува збор за летна регата во друштво на локалното население – придружена со домашен рум или за сезонско крстарење во умерените зимски денови, пловењето е секогаш одлична идеја. На располагање имате многу опции: можете да резервирате тура со катамаран, да изнајмите брод, да возите кајак или пак едноставно да се качите на локален ферибот за да доживеете прекрасна прошетка низ прекрасната вода со која е опколен островот.

4. Истражете ги историските тврдини
Поради својата стратешка позиција среде Атлантикот, Бермуда низ вековите изградила бројни тврдини за да го заштити своето население. Денес воената закана е минато, но овие тврдини нудат фасцинантен увид во историјата на островот која датира уште од почетокот на 17 век, кога патувачите за првпат се населиле тука. Тврдините се расфрлани низ целиот остров, па затоа лесно ќе ги најдете. Најпопуларни за посета се Fort Scaur, Fort Hamilton, Fort St Catherine, како и масивниот Royal Naval Dockyard.

Влезот во повеќето тврдини е бесплатен, но музеите во нив (како оној во Fort St Catherine) наплаќаат влезница во износ околу 350 денари. Ако го посетувате островот во лето, одете рано наутро за да ги избегнете големите горештини.

5. Откријте ги коралните гребени и потонатите бродови
Веднаш под површината на тиркизната вода на Бермуда, плитките корални гребени кријат неверојатен подводен свет. Гостите може да имаат подводна прошетка со специјален шлем со довод на воздух на околу 3 километри од брегот. Островот е рај и за класично нуркање (scuba diving), особено околу бројните потонати бродови. Тука ќе сретнете прекрасни меки корали и морски желки и познатата риба – папагал. Оваа риба живее во тропските води низ светот. Откако ќе голтне парче корал, ја одделува храната од него, а остатокот го исфрла во форма на песок. Таа го обработува коралот со помош на својата силна вилица која наликува на клун и со своите задни заби кои се многу цврсти. Рибата-папагал може да живее и до 20 години без да ѝ се оштетат забите. Таа постојано ги џвака изумрените корали. На тој начин, се произведува повеќе песок отколку што се произведува со кој и да било друг природен процес. Некои истражувачи пресметале дека една риба-папагал произведува околу 100 килограми песок годишно.

6. Бидете дел од спортската сцена на островот
Без оглед на тоа во кој период од годината ја посетувате Бермуда, спортскиот календар е секогаш исполнет. Најголемата атракција во текот на целата година е голфот (островот ја има најголемата концентрација на голф терени во светот по глава на жител). Во лето можете да го следите познатиот крикет турнир Cup Match, додека есента е резервирана за World Rugby Classic – настани кои силно ги рефлектираат британските корени на островот.

7. Вечерајте покрај самиот брег
Од елегантни ресторани со поглед на пристаништето, па сè до барови на плажа каде што можете да вечерате со нозете во песокот, така изгледаат исклучителните ресторани и кафе барови покрај вода кои се бројни во Бермуда. Алтернативно, можете да си направите и свој романтичен пикник. Заливот Jobson’s Cove нуди мирна и интимна атмосфера за уживање во зајдисонцето со парче вкусна пица за носење од популарните локални пицерии.

8. Прошетајте по историската железничка патека
Од 1931 до 1948 година, железницата била главниот превоз на островот. Денес, таа траса е претворена во уредена пешачка патека (Railway Trail) која се протега од едниот до другиот крај на островот. Патеката нуди километри мирно пешачење со прекрасни видици кон отворениот океан.

9. И секако: уживајте на фантастичните плажи!
Иако е сосема очигледно, овој водич не би бил комплетен без плажите. Со повеќе од 30 идилични плажи распоредени на околу 100 километри крајбрежје, Бермуда нуди лесен пристап до ситен бел песок прошаран со розови нијанси од скршени корали. Возењето долж јужниот брег ќе ве одведе до плажите како Warwick Long Bay и Horseshoe Bay, кои изгледаат како од разгледница. Ако пак барате помирна атмосфера каде што се релаксираат локалците, посетете го природниот резерват Cooper’s Island – место со помалку лежалки, но многу повеќе тишина и самотија.

