|

Верувања и обичаи за Велики четврток

Сподели на:

Велики четврток (чистиот четврток) е денот со кого почнуваат велигденските празнувања. Тоа е денот кога се одржала Тајната вечера. Што велат традиционалните верувања и обичаи за овој ден?

Има верување дека на полноќ на Велики Четврток небото се отвора, за да слезат кај своите блиски душите на мртвите, кои остануваат на земјата 40 дена. Највозрасната жена во семејството замесува велигденски леб, нарекуван уште богова пита, велигденски кравај или квасник. Велигденскиот леб е обреден леб и се украсува со непарен број велигденски јајца. Во минатото на Велики Четврток луѓето ги осветувале новите домови.

Пред да изгрее Сонцето на Велики четврток домаќинката треба да го вапса првото црвено јајце. Пред вапсувањето домаќинката мора да има каснато барем еден залак леб, зашто ако тоа го прави на гладно срце, јајцето може да ја разбие и јајцето ќе ја загуби магиската моќ. Со првото вапсано јајце, најстариот член на семејството црта крст на челото на најмалите, за да бидат здрави во текот на годината. Првото јајце се остава пред иконата во домот, за да штити од зли сили, да носи здравје, среќа и успех.

Одлуката за погубување на Христос на Велика среда ја донело Еврејското црковно собрание. Исус Христос бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по завршувањето на Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велик петок. Ноќта Христос бил мачен и камшикуван за на крајот да биде изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја. Тој најпрвин рекол дека не наоѓа никаква вина за која би можел да го осуди Христос. Но, фарисеите гледајќи дека Исус може да биде ослободен, го наклеветуваат дека се прогласил себе си за цар и со тоа всушност се кренал против Рим и императорот. За таков гревРимјаните морале да го казнат сторителот. Бидејќи било Пасха, најголемиот еврејски празник за кој било вообичаено да се ослободи еден затвореник, Пилат го прашал насобраниот народ кој сакаат да биде ослободен? Исус или Варава, разбојник кој убил неколку римски војници. Насобраниот народ потбуцнат повторно од фарисеите барал да се ослободи Варава. На прашањето на Пилат што да прави со Исус, народот извикувал “Распни го! Распни го!”. Затоа откако ја изрекол пресудата, Понтиј Пилат ги измил рацете и му се обратил на насобраниот народ со зборовите: “Јас не сум виновен за смртта на овој праведник”.

На Христос му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ. Но се нашол таму и еден добар човек по име Симон од Киринеја кој се сожалил и му помогнал на Исус да го носи крстот. И денес по 2000 години, патот по кој тој одел е познат како пат на болката. На Голгота биле поставени три крста. Крстот на Исус бил во средината а од страните биле распнати двајца разбојници. Дури и на крстот Исус побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: “Оче, прости им зашто не знаат што прават”. Кога околу три часот попладне ја предал својата душа на Бог, сонцето се помрачило, се отворале гробови, земјата се тресела, пердето во храмот се разделило на половина, карпи пукале со страшен звук. Со тоа се обестиниле Исусовите зборови дека “и мртвите камења ќе сведочат за живиот Бог”. Покрај крстот останале Богородица, апостолот Јован, Марија Магдалена и уште неколку жени. Нема и скаменета од болка го гледала Богородица безживотното тело на својот син. Јосиф од Ариматеја отишол кај Пилат и го замолил за дозвола телото на Исус да го симнат од крстот и да го погребаат. Бидејќи утредента било сабота (кога ништо не се работи), за да не стои телото три дена на крстот Пилат дал дозвола да го погребаат. Исусовото тело го обвиткале во платно и го однеле во нова гробница, која Јосиф ја подготвил за себе си. Гробот бил издлабен во карпа, на чиј влез Римјаните поставиле огромен камен и стражи, плашејќи се дека некој може да го украде телото.

Сподели на:

Слични Написи