Прашања и одговори во врска со грипот

Со оглед на тоа што во овој период грипот повторно е во налет и болниците се преполнија со пациенти кои бараат медицинска помош, Јавната здравствена установа Здравствен Дом – Крушево во интерес на пациентите и заштитата на нивното здравје објави едукативни информации во врска со грипот:
1. Колку дена трае грипот?
– до целосно оздравување поминуваат 7-14 дена. Сувата кашлица може да продолжи уште две недели по оздравувањето.
2. Колку дена ќе имам температура?
– вообичаено фебрилноста трае 2-4 дена
3. Кога да се јавам за повторен преглед?
– доколку високата температура продолжи и после четвртиот ден, или доколку по 2-3 дена афебрилен период повторно добиете висока температура
– доколку настане влошување на кашлицата, имате болка во гради или отежнато дишење.
– доколку чувствувате вртоглавица
– доколку имате претерана мускулна болка и малаксаност
– доколку сте дехидрирани
– имате бледо или дури сино пребоена кожа, усни, нокти – во овој случај веднаш без одложување се јавувате на преглед
4. Кои се ризични пациенти за компликации?
– деца под 2 годишна возраст
– возрасни над 65 години
– пациенти од било која возрасна група со други хронични заболувања
– трудници
– обезни пациенти
5. Дали ако “на време” земам антибиотик нема да спуштам на гради?
– на време земен антибиотик е антибиотик земен поради компликација на грипот со секундарна бактериска инфекција. Значи редоследот е: компликација, па антибиотик. Антибиотиците немаат превентивно дејство!
6. Колку долго сум заразен за околината?
– контагиозноста е највисока првите 3-4 дена, а потоа се намалува. Вообичаено трае 7 дена. Сепак одредени категории пациенти можат да бидат контагиозни и подолго од 7 дена.
Затоа кога сте болни изолирајте се една недела.
7. Како полесно да го поминам грипот?
– многу одмор
– многу течности
– лесна храна
– антипиретик само при температура над 38,5 и во соодветна доза.
– оддржување на соодветна влажност на просториите во кои претстојувате и нивно редовно проветрување
– инхалации со топла пареа помагаат за сувата надразнителна кашлица, исто како и топли чаеви со мед, пастили за шмукање. Антитусици и инхалации со небулизер само во консултација со лекарот што ве следи.
Трпение! Грипот трае. Не постои магичен лек со кој ќе оздравите за 24 часа.
