Помеѓу верата и традицијата: Што навистина означува Духовден и како го празнуваме?

Големиот христијански празник Духовден е период кога традицијата и духовноста се преплетуваат на специфичен начин во нашето поднебје. Во пресрет на трите празнични дена, вреди да подискутираме за вистинското значење на овој ден, обичаите што го следат, како и за нашата колективна навика за масовно одење на гробишта.
За многумина од нас, Духовден со години наназад бил познат едноставно како „денот кога се оди на гробишта“. Но, колку всушност го знаеме неговото суштинско теолошко и историско значење?
Што означува Духовден (Педесетница)?
Духовден (или дуовден) е државен празник во Македонија и еден од 12-те најголеми и најрадосни христијански празници во православието. Меѓу народот е познат и како Педесетница (од грчкиот збор πεντηκοστή) бидејќи се празнува точно 50 дена по Велигден. Празничната атмосфера се чувствува во целиот период од Воскресението до Педесетницата. Овој ден се нарекува уште и Света Тројца, бидејќи на едно место се јавуваат Отецот (Таткото), Синот и Светиот Дух. Со одобрение на Бога-Отецот, се исполнило ветувањето на Богот-Син (Исус Христос) дека на своите ученици ќе им го испрати „Духот на Вистината“ и „Утешителот“.
Роденденот на Христијанската Црква
Според Светото Писмо (Дела на апостолите, 2 поглавје), настанот се случил во Ерусалим во 9 часот наутро. Дванаесетте апостоли (вклучувајќи го и новоизбраниот Матеј, кој дошол на местото на Јуда Искариотски) биле собрани заедно кога се слушнал силен шум од небото како дување на ветар. Светиот Дух слегол врз нив во форма на пламени јазици — мотив кој редовно се прикажува на црковните икони каде се насликани апостолите заедно со Богородица.
Овој чин целосно ги трансформирал уплашените и збунети ученици во храбри проповедници. По силната проповед на апостол Петар, истиот ден се крстиле околу 3.000 луѓе. Со ова, апостолите од едно обично здружение прераснале во Христово тело на Земјата — односно величествено била основана првата Христијанска Црква.
Стариот наспроти Новиот завет: Евреите на овој ден ја славеле својата Педесетница во спомен на денот кога Мојсеј ги добил Божјите закони на Синајската Гора. Во Новиот завет Пасхата станала празник на излегувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта и на влегувањето во вечниот живот, а Педесетницата во спомен на дарувањето на светиот Дух на апостолите.
Погледнете го видеото и дознајте повеќе за Духовден:
Обичаи и празнување
На Духовден традиционално не се работи и се посетува црквата. На Духовден редовно му претходи Задушница во саботата, во народот позната како „Мртва сабота“, кога се изведуваат обичаи наменети за починатите предци.
Сепак, она што се случува во практиката честопати излегува од рамките на чистата духовност:
- Зголемен промет и купишта храна: Овие денови во продавниците приходот се зголемува и за 50%. Се купуваат огромни количини храна која се носи, се раздава помеѓу гробовите и се остава на самите гробови „за да им се најде“ на починатите.
- Ноќевање на гробишта: Голем дел од верниците одат на гробишта во текот на сите три дена (кој како е во можност), а некои таму престојуваат и по цела ноќ.
- Финансиски притисок и социјален статус: Често може да се забележи како луѓето купуваат скапа храна за раздавање која во секојдневниот живот не можат да си ја дозволат ни за себе дома. Иако помладите генерации се обидуваат да ги отфрлат овие навики и да носат само цвеќе, честопати потпаѓаат под притисокот на комплексот „што ќе кажат другите“ и стравот од осуда од околината (како на пример коментари од типот: „Срамота, ни едно лепче не однесе“).
Каков е вашиот став?
Како вие го поминувате Духовден? Дали сметате дека традицијата со раздавање храна треба да се задржи или ја поддржувате идејата за поскромно одбележување само со носење цвеќе? Огранизирате ли посети во текот на сите три дена и како балансирате меѓу верските обичаи и социјалните очекувања?
