Емоции кои уште се прераскажуваат: Битола се врати во детството со 30 години „СИ-ДО“

Поминаа неколку дена од спектакуларниот концерт, но во јавноста сè уште со огромно воодушевување се зборува за она што се случи во Битола. За многумина, ова беше можеби најубавиот и најемотивниот концерт кој се случил годинава, настан кој буквално ја разбранува јавноста и ги разбуди најубавите спомени.
Три децении музика, три децении спомени и триeсет години чисти емоции се споија на едно место. Децата кои некогаш ги пееја легендарните песни на сцената на детскиот фестивал „СИ-ДО“, денес веќе возрасни луѓе, повторно застанаа под рефлекторите и ги изведоа своите детски химни.
Видео: Наташа од III-3

Публиката во еден глас со старите хитови
На сцената во Центарот за култура во Битола се случи вистинско патување низ времето. Вечерта ги спои минатото и сегашноста, а различните генерации во салата се препознаа во истите стихови, истите мелодии и истите чувства. Публиката во еден глас, без исклучок, ги пееше најголемите детски хитови и секој во салата се сети на своите најубави моменти од детството.
За едни ова беше долгоочекувано враќање во безгрижните денови, а за помладите – можност овие безвременски песни да ги доживеат на еден нов начин, но со истата искреност и радост како и пред три децении.
Видео: Боби баш ми е гајле

Оригиналните изведувачи и моќниот оркестар „DIVA“
Присутните во преполната сала имаа ретка можност да ги проследат легендарните хитови од „СИ-ДО“, со кои пораснаа генерации, во изведба на нивните оригинални изведувачи. Овојпат, песните добија уште помоќна димензија благодарение на одличната придружба на Оркестарот „DIVA“.
„Визба стара и гитара“, „Наташа од трето три“, „Како ли јас да пораснам“, „Баксуз сум се родил“, „Софи, Софија“, „Ми рече час“ и многу други композиции што станаа препознатлив дел од детството, младоста и семејните спомени на сите деца од Македонија, повторно оживеаја, но на еден поинаков, посовремен и подлабок начин.
Овој јубилеј покажа дека песните со кои пораснавме не губат од својата вредност, туку со текот на годините стануваат уште посилни и повозбудливи. Битола уште долго ќе го прераскажува овој емотивен 7-ми мај.

