Почнува Рамазанскиот пост
За верниците од исламска вероисповед од денеска започнува Светиот месец – „Рамазан“, месец на пости и религиозна посветеност. Во наредните 30 дена муслиманските верници ќе постат од изгрејсонце до зајдисонце.
Според исламската религија, Рамазан е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Постот, кој е еден од исламските столбови е задолжителен за сите верници за нивно физичко и духовно прочистување. Верниците мора да се воздржуваат од лоши зборови и дела со цел општочовечко прочистување. Постењето е верска обврска за секој полнолетен, здрав муслимански верник, но не е обврзувачко за болните, бремените жени и работниците кои вршат тешка физичка работа.
По рамазанскиот пост, на 30 март е Рамазан Бајрам, кој се празнува три дена. Тогаш целото семејство се собира на празнична трпеза и се посетуваат роднините и пријателите. Рамазан е деветтиот месец во Исламскиот календар. Првиот ден од Рамазан Бајрам е државен празник и 31 март (понеделник) ќе биде неработен ден за сите граѓани.
