Обичаи поврзани со празнувањето на Рамазан Бајрам

Верниците од исламска веросиповед денеска го слават празникот Рамазан Бајрам, кој се смета за еден од петте столбови на исламот и празник за духовно и за телесно прочистување.
Рамазан Бајрам доаѓа по едномесечниот строг пост, во кој верниците се воздржуваа од храна и пијалоци од зора до зајдисонце. Во сите џамии, денеска се служи утрински Бајрам-намаз. Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар, е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1.400 години. Во текот на Рамазанскиот пост, муслиманските верници се обврзани да даваат милостина на сиромашните. Милостината треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува да даде во текот на годината. Рамазан-Бајрам е ден кога се сретнува моќта на богатите со слабоста на сиромашните во љубов, милост и правдина. Ден кога сиромашните се радуваат во удобностите на животот, ден кога роднините се сретнуваат во благодет и внимание еден за друг, ден кога муслиманите се соединуваат во молитви и меѓусебни посети, кога пријателите ги оживуваат мостовите на љубовта и елементите на блискост, кога благородниот дух ги простува грешките на другите и се соединува по разделбата.
Традиционално мажите во раните утрински часови одат на првиот бајрамски намаз, но и жените исто така стануваат рано и ги подготвуваат мажите за во џамија. Ги разбудуваат децата, ги облекуваат во најубавата и нова облека и заедно ги чекаат машките членови од семејството да се вратат од џамија. Кога сето семејство ќе се собере дома, почнува меѓусебното честитање на бајрамот. Пред тоа мажите кои биле на бајрам намазот на излегување од џамија си честитаат бајрам едни на други и си посакуваат уште многу години заеднички и среќен живот.
После честитањето во кругот на семејството се посетуваат постарите роднини и пријатели. Децата добиваат подароци и пари како од повозрасните членови на семејството така и од гостите, роднините и пријателите кои доаѓаат или кај кои се оди на честитање. Бајрамскиот ручек е богат со разни видови јадења и секако со традиционалната баклава.

