|

Лазарева сабота – радосен празник посветен на децата

Сподели на:

Лазарова сабота, Лазарe, Лазаровден или Лазарици – под сите тие имиња е познат празникот кој секогаш паѓа еден ден пред празникот Цветници, а Цветници е една недела пред најголемиот христијански празник Велигден. Во Лазарова сабота вообичаено е да се носат гранчиња од врба, што симболично го претставува свеченото влегување на Исус во Ерусалим, кога бил пречекан од почитувачи и следбеници.

Лазарева сабота е празник што го славиме во чест на Исус Христос и моментот кога го воскресна Лазар од гробот. Настанот на воскресението на Лазар, според евангелијата, се случил во Витанија и е вовед во новото верување во воскресението. Четири дена после смртта на Лазар, Господ го воскреснал од мртвите и токму тоа чудо се празнува на денот наречен „Лазарева сабота“. Многумина Евреи откако слушнале за ова воскреснување станале следбеници Христови. Поради таа причина првосвештениците покрај Исус Христос сакале да го убијат и Лазар. По своето воскресение, Свети Лазар живеел уште 30 години. Бил епископ на островот Кипар, каде што го ширел Христијанството. Во Кипар завршил и неговиот земен живот во градот Ларнака кој го добил своето име во чест на Свети Лазар.

Фотографија од Лазарки во Крушево:

Обичаи на Лазарова сабота (Лазаре)

Во различни региони на Македонија се изведуваат разни обичаи, но заедничко е тоа што речиси секаде на овој празник девојките се оние кои ги пеат традиционалните лазарски песни. Лазарките му пеат посебна песна на секој човек зависно од неговата возраст и за тоа добиваат дарови, најчесто пари. Во сите овие песни се посакува напредок на луѓето и семејството на кои им се пее песната.

На овој ден обично се оди на река и се вели: Колку далеку го фрлив овој камен, толку подалеку да биде змијата од мене! На овој ден се бере цвеќе, но не се внесува дома, туку важно е да се остави во дворот.

Видео: Лазарски обредни поворки

Марко Китевски во книгата „Македонски празници и празнични обичаи“ има забележано повеќе обичаи кои се поврзани со празнувањето на овој празник.

Во Струга на Лазарева сабота, три до пет девојки собрани во групи, облечени во народна носија како невести и со венчиња на главата, излегувале на улица. Тие на минувачите им го попречувале патот и им пееле соодветни песни.

„Кошкање на децата“ е еден од обичаите кој исто така бил традиционален за нашето поднебје. На овој ден ги „кошкале“ сите деца што биле родени во периодот измеѓу двете лазареви саботи, односно децата до една година. По пеењето на сите лазарски песни лазарките застанувале во збиен круг, мајката им го давала бебето, тие го прифаќале и со кревање горе-долу неколку пати си го подавале една на друга, го „кошкале“ така до три пати и за тоа време пееле:

Имаш мајка, имаш татко,
гајтане мој, гајтане мој,
од капата една пара,
гајтане мој, гајтане мој.
Ем с’с мајка, ем с’с татко
гајтане мој, гајтане мој.

Откако ќе ја испееле оваа песна три пати, едно од девојчињата кое според верувањата требало во тој момент да има и мајка и татко, застанувало на средина во кругот, а една постара жена обично свекрвата ја земала погачата наутлија (која ја меселе мајките на бебињата) и ја раскршувала над главата на детето. Едната половина им ја давала на лазарките, а другата половина ја земала мајката и ја раздавала на роднини и пријатели за здравје на детето.

Во селата на Скопска црна Гора на тој ден се раздавал здравец, а по службата во црквата жените служеле баница, погача, ракија и слично, а за скопскиот регион карактеристичен е и адетот на одење во црква од каде сите земале китка цвеќе која ја ставале во појасот и ја носеле преку целиот ден.

Иако обичаите и песните на овој ден, главно се поврзани со настаните со Христово влегување во Ерусалим, сепак се забележува и нивната врска со појавата на цвеќето и пристигнувањето на пролетта. Исто така голем дел од нив се однесуваат и на искажување на желби за здравје и среќа на секој поединец и на секое семејство.

Во зборникот на браќата Миладиновци е запишано оваа песна:

Малечкоо убоо, о Лазаре!
На диван ми седеше,
со јаболко играше;
мајка ле му викаше:
‒Малечкоо убоо!
Доста седе на диван,
доста играш с јаболко,
данʼ те царот догледат,
данʼ ти царство поклонит !
Уште речта не рече,
ми го царот догледа
и му царство поклони.

Песните за малите деца во кои тие се споредуваат со Сонцето им се пееле на мајките:

Угреале две сонца, е Лазаре,
у мајкини пазуʼи, е Лазаре,
у таткои скутои, е Лазаре.

Не ми беа две сонца, е Лазаре,
тук ми беа два сина, е Лазаре,
мајка им и галеше, е Лазаре.

Тропар

ЛАЗАРЕВА САБОТА
(Свети Лазар)

Христе Боже, за да не увериш во општото воскресение, пред Твоите страдања, го воскресна Лазара од мртвите. Затоа и ние, носејќи како децата знаци на победата Ти викаме Тебе, Победителу на смртта: Осана во висините! Благословен е Оној што иде во името Господово!

Шијат, шијат терзии, е Лазаре,
на високи дивани, е Лазаре,
игли им се кршеа, е Лазаре,
во море и фрлаа, е Лазаре,
мостои се праеја, е Лазаре,
да минат лазарките, е Лазаре,
шчо сет морни, уморни, е Лазаре,
везден дена шетале, е Лазаре,
везден оро играле, е Лазаре,
играло се Лазаре, пејало се,
дур до века Лазаре до амина.

Сподели на:

Слични Написи