Како крушевската чаршија ќе заблеска пред Нова Година и Божиќ? Зборуваме со иницијаторите за настанот кој се очекува да стане нова туристичка атракција!

Дали некогаш сте посакале да влезете во новогодишен филм?
Организаторите на настанот „Празничен шепот на Крушевската чаршија“ ја претворија таа желба во реалност, трансформирајќи го срцето на градот во магична зимска сцена.
Во пресрет на празничната сезона, разговаравме со тимот кој стои зад оваа прекрасна приказна – Магдалена Илиеска, Нули Костоска, Маја Митева-Петроска, Сотир Маја, Трајче Шекрески и Елена Илиеска. Тие ни откриваат како од еден обичен „кафе-муабет“ се роди идејата што денес е клучен дел од зимската туристичка понуда на Крушево.

Која е приказната за создавање на овој настан?
Магдалена Илиеска: Идејата и желбата за да се оствари еден ваков вид на настан кај мене постоеше многу одамна. Особено во зимскиот период, кога кај нас е сезона, често размислував и креирав во себе колку би било убаво да се создаде атмосфера на зимска магија, базар, отварање на сезоната со нешто поразлично. Во суштина сѐ започна сосема спонтано, на еден обичен кафе-муабет, каде што се спомна предлогот. Интересно е што неколкумина, кои делиме слична енергија, ја препознавме идејата и потенцијалот што го носи овој настан. И од тој момент започна оваа убава приказна. Оттаму, чекор по чекор, со многу работа, барања, организација и посветеност, почнавме да градиме нешто што од година во година станува сѐ поголемо и поуспешно. Желбата беше основана, но трудот и тимската енергија нѐ доведоа до тоа што сме денес. Денес сме тим кој стои зад планирање на еден значаен настан за нашиот град. Тим што ја претвори идејата во реалност преку работа, визија и истрајност. Јас како дел од тимот кој со голема енергија и желба го градиме настанот, придонесувам и работам за да го задржиме и зголемиме успехот. Денес сум некој што го следи сонот што некогаш беше само желба. Денес сум пресреќна што успеваме.

Кое е значењето на овој настан за локалната туристичка понуда?
Нули Костоска: Настанот е наменет за сите, за возрасни и за деца, за локалните жители и за туристите кои го посетуваат Крушево во празничниот период. Програмата опфаќа музички настапи, театарски претстави, детски активности и новогодишни содржини, со што секој посетител може да се пронајде во дел што му одговара. Организираниот базар е создаден со желба да им понуди на семејствата, младите и посетителите едно топло, празнично и забавно искуство. Овој настан ја збогатува туристичката понуда на Крушево во зимскиот период, нудејќи уникатна комбинација од забавна, културна и гастрономска програма. Со промоцијата на скијачките терени, домашната храна и локалните производи, базарот го зајакнува имиџот на Крушево како мало, но живописно туристичко градче во кое секој гостин може да доживее незаборавен зимски ден. Настанот дополнително привлекува посетители, ја поттикнува локалната економија и ја промовира градската традиција. Поддршката од Општината и присуството во медиумите само уште повеќе ја нагласуваат важноста и сериозноста на проектот.

Кој е концептот на овој настан?
Маја Митева-Петроска: Нашата идеја, во пресрет на новогодишните празници, е да ја претвориме крушевската чаршија-срцето на градот, во сцена на отворено, како во некое мало зимско гратче од новогодишните филмови, кое ќе пулсира во ритамот на топлата и празнична атмосфера, создавајќи вистинска празнична магија за секој кој во тој период ќе биде гостин во нашиот град. Концептот на настанот е замислен како спој на традицијата и уметноста, односно поддршка и промоција на локалните производители на храна, традиционални крушевски десерти, природни медови и мармалади, природни ароматични чаеви од една страна и промоција на креативни изработки од дрво, восок, волна, природни материјали од друга страна. Новогодишниот базар е местото каде ќе се спојат традицијата и уметноста, ќе се измешаат најубавите ароми и вкусови, а сето тоа надополнето со звуците на музичко-сценските изведби на локалните уметници, под отворено небо, за публика од сите генерации.
Какви настани нудите во програмата и со што ќе го привлечете вниманието на посетителите?
Маја Митева-Петроска: Програма е внимателно осмислена да одговара на вкусот на посетителите од различни возрасти, од најмали до повозрасни, и сите подеднакво да ја почувствуваат новогодишната атмосфера. Настаните се поделени на неколку тематски целини, во два термина (дневен и вечерен), во текот на десетина активни дена. Дневните термини се резервирани за детски работилници, сценско-музички настани, детски новогодишни претстави, како и две работилници со мултиетнички и инклузивен карактер, во соработка со Здружението за промоција на влашката култура ТИХЕ-Скопје и Денис Јанкуловски, познат меѓу децата и како Космонаутко.
На 3 јануари подготвуваме и едно убаво изненадување за најмалите. Вечерните термини се резервирани за музички настапи на познати локални бендови, од различни музички стилови, со што ќе се задоволат вкусовите на сите. Секако, сите овие настани се резултат и на одличната соработка со образовните институции во нашиот град, Локалниот младински совет, Домот на култура – Крушево, како и Здружението за афирмација на култура, екологија и рурален туризам „Културен манифест“ кое се јавува како организатор на овој настан. Секако, подготовките се веќе започнати и како прва активност што е веќе најавена е новогодишната работилница за изработка на новогодишни украси „Во работилницата на Дедо Мраз“, на 9.12.2025 година, во 17 часот, во просториите на МКЦ (Горната училишна зграда). Ве очекуваме, среќни, насмеани, вредни, како што не’ личи!

Колку време траат подготовките за еден ваков настан и со какви логистички предизвици се соочувате?
Сотир Маја: Подготовките за еден ваков настан започнуваат најмалку два до три месеци однапред. Процесот е постепен, но многу интензивен: од осмислување на концептот, креирање на визуелниот изглед на просторот и договарање со учесниците на базарот, до организација на програмата, обезбедување ресурси, декорации и координација со институциите. Најголем дел од времето оди на планирање на просторот, селектирање учесници и дизајнирање на активностите, за да се создаде убава, функционална и топла празнична атмосфера. Неделите пред настанот се најдинамични – тогаш се финализираат распоредите, се поставува опремата, се декорира просторот и се координира целиот тим. Логистичките предизвици најчесто се поврзани со неколку клучни аспекти: усогласување на бројот на учесници, изведувачи и волонтери – секој има свои обврски и потреби, а ние мора да ги одговориме на потребите на барањата на сите; поставување на инфраструктурата, обезбедување струја, осветлување, озвучување, простор за изложување и продажба, како и соодветно место за секоја активност, како и обезбедување на просторот кој мора да биде добро организиран, во интерес на успешно сптроведување на сите планирани активности. Иако подготовките се долги и предизвици има многу, секоја вложена минута вреди кога ќе се видат насмевките на посетителите и празничната атмосфера што ја создава целиот тим.

Како е организирано поставувањето на тезгите и уредувањето на просторот?
Трајче Шекрески: Поставувањето на тезгите и уредувањето на просторот е организирано преку внимателно планиран процес кој има цел да создаде јасен распоред, пријатна атмосфера и функционално движење на посетителите. После објавениот Повик за учесници на Новогодишниот базар и одобрените барања, се направи детален распоред: каде ќе бидат поставени куќичките, каде ќе се движат посетителите, на кое место ќе биде сцената, детските активности и сл. Сакаме секоја тезга да биде доволно видлива, пристапна и да има доволно простор за интеракција. Тезгите се поставуваат еден до два дена пред настанот, со јасна инструкција и помош од тимот. На сите им се овозможува и поддршка при приклучување струја, поставување украсни елементи или организирање на нивниот продажен простор. Приоритет ни е да создадеме хармонична визуелна целина, па затоа охрабруваме учесниците да ги декорираат своите тезги во празничен стил – со топли светилки, природни материјали, зимски мотиви и уникатни детали што ја истакнуваат нивната креативност.

Како го промовирате настанот во заедницата и пошироко?
Елена Илиеска: Промоцијата се одвива преку внимателно осмислена комуникациска стратегија која опфаќа повеќе канали, со цел да стигнеме и до локалното население и до посетителите надвор од Крушево. На локално ниво се фокусираме на директна комуникација со граѓаните. Ова ни овозможува да го задржиме духот на Крушево и да го поттикнеме чувството на заедништво. Паралелно, ги користиме социјалните мрежи, каде што преку фотографии, видеа и кратки приказни го прикажуваме празничниот амбиент и активностите што ги подготвуваме. Ова ни помага да привлечеме поширока публика и да го промовираме Крушево како зимска дестинација со автентична празнична атмосфера. На овој начин, успеваме да ја пренесеме нашата идеја и да го претставиме настанот како нешто што вреди да се доживее. Нашата најголема цел е промоцијата да не биде само информативна, туку и емотивна, да го пренесе чувството на топлина, традиција и празнична магија што ја носи чаршијата, што ја носи нашето Крушево во овој период.

Која е поддршката што ја добивте од Општината, локалната заедница, бизнис-секторот…?
Елена Илиеска: Поддршката што ја добивме за овој настан е навистина значајна и ни потврди дека Крушево знае да биде сплотено кога станува збор за проекти и настани што го збогатуваат градот. Општината ја препозна вредноста на концептот и придонесе со логистичка поддршка, инфраструктурни подготовки и овозможување на услови за безбедно и уредно одвивање на сите активности. Од заедницата добивме исклучително охрабрување – граѓани и волонтери се вклучија со идеи и предлози. Ова ја прави чаршијата жив организам што дише заедно со настанот. Токму ова чувство на сплотеност ни даде дополнителна мотивација да го реализираме настанот со уште повеќе посветеност. Бизнис секторот, пак, покажа отвореност за соработка. Локалните кафулиња, ресторани, продавници, мали бизниси и хотели, се вклучија со спонзорства, промотивни понуди и логистичка помош. Нивниот ангажман не само што го поддржа настанот, туку создаде и заедничка празнична атмосфера која ја направи чаршијата уште поатрактивна за посетителите.
Оваа широка поддршка ни докажа дека „Празничен шепот на Крушевската чаршија“ не е само настан, туку проект што ја обединува целата заедница и го поставува Крушево како пример за заедничко делување и локален развој.
