„Европа низ детските очи“ – едукативно забавен настан по повод Денот на Европа

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност организираше прекрасен настан кој развесели многу детски срца, но истовремено ги поттикна младите да се придружат кон заедничката заложба за славење на мирот, единството и културната разноликост.

На настанот на кој присуствуваше и директорот на Националната агенција Проф. д-р Петар Богојески, имаше голема бројка на посетители кои на најдобар начин ги искористија убавото време и оваа интересна иницијатива за да си поминат убави моменти во Градскиот парк во Скопје.

Во рамките на програмата се слушна прекрасна изведба на македонската и европската химна, гостуваше детскиот хор на фестивалот „Златно славејче“, а можеше да се погледне и театарска претстава. Најмладите заедно со своите родители се радуваа и на танцувачката сесија, го следеа настапот на аниматорите, но и учествуваа во трите тематски зони: цртање европски симболи, квиз за Европа и креативна работилница за сувенири. Креациите кои ги создадоа децата ќе бидат изложени на „Ѕидот на Европа“ во просториите на Националната агенција.



