|

Чудесната цветна градина во Дубаи

Сподели на:

Дубаи е градот од Обединетите Арапски Емирати кој во последниве години е вистински пример за човечката креативност и како може природата и самото место на живеење да се претворат во вистински рај на земјата. Во областа наречена Дубаиленд по повод Денот на вљубените во 2013 година се отворени „Чудесната градина“. Се простира на огромна површина од над 72 000 метри квадратни, што ја прави најголемата природна цветна градина во светот, а содржи неверојатно голема бројка од над 50 милиони цвеќиња и 250 милиони растенија. Градината претежно работи во периодот од месец октомври до април секоја година. Заради превисоките температури од над 40°C кои не се погодни за одгледување на цвеќе, градината не работи помеѓу мај и септември.

За одржување на цвеќето се користи пречистена отпадна вода преку метод на наводнување капка по капка со просечна количина од 757 082 литри вода секој ден. Градината се наводнува само откако ќе се затвори навечер.

Во 2015 година во рамките на „Чудесната градина“ во Дубаи се отвори и „Градината на пеперутките“, најголема во светот и прва затворена градина на пеперутки во регионот, а претставува засолниште за над 15.000 пеперутки од 50 различни вида. 

Во „Чудесната градина“ може да се сретнат неверојатно убави цветни структури во ликовите на омилените цртани ликови: Мики Маус, Шиљо, Пајо Паторот, Плутон…Градината во овој момент држи неколку светски Гинисови рекорди. 18 метарскиот лик на Мики Маус тежи скоро 35 тони и е највисоката скулптура од овој тип во светот. Градината е прогласена за најголема вертикална градина во светот. Тука се наоѓа и најдолгиот цветен ѕид во светот кој е долг речиси еден километар и е украсен со речиси 22 милиони расцветани цвеќиња.

Годишно околу 1,5 милиони туристи од целиот свет го посетуваат ова место. Вообичаената цената на билетот за возрасни е 13, а за деца 9 евра. Оваа градина е уште поспецифична по тоа што се наоѓа среде голема пустина.

Градината денес е вистинска туристичка атракција и неизбежна локација на мапата на туристи кои го посетуваат Дубаи.

Видео репортажа:

Сподели на:

Слични Написи