Да го запознаеме подобро Прилеп
Градот Прилеп е еден од најстарите и најубавите македонски градови. Се наоѓа на надморска височина од 620-650 метри, а на ридестите падини и до 680 метри. Според податоците од пописот во 2021 година во Општина Прилеп живеат 69 025 жители.
Прилеп се наоѓа во Пелагониската котлина, а Пелагонија е место каде може да се пронајдат голем број на локалитети кои потекнуваат од античкиот период. Во близината на Прилеп се наоѓаат локалитетите: “Бедем” во с. Чепигово, “Безистен” меѓу селата Прилепец и Волково, како и во самиот град. На неколку локалитети се утврдени и остатоци од античките градови Стибера, Алкомена, Керамија и Колобанса.

Од периодот на средниот век потекнуваат црквите „Св.Никола“ која датира од 13 век, „Св. Успение на Богородица“ во манастирот на Трескавец каде има репрезентативни фрески од 15,16 и 19 век, како и манастирот со црквата „Св. Преображение“ над селото Зрзе.
Кога станува збор за културно-историските споменици мора да се споменат и Маркови Кули каде се наоѓа една од петте најголеми балкански тврдини, составена од три одбрамбени појаси и повеќе кули и порти.

Во Прилеп е единственото наоѓалиште на остатоци од словенска населба од 10 век, црквата „Св.Архангел Михаил“ со фрески од 11 век, како и црквите „Св. Димитрија“ и „Св.Никола“ во која се наоѓа и фрескоживописот од 13 век.
Старата прилепска чаршија се формирала во 19-от век. Во Прилеп својата просветителска дејност ја извршувале многу македонски преродбеници како: Јордан Хаџи-Констатинов Џинот, Димитар Миладинов, Рајко Жинзифов и Кузман Шапкарев како и дејноста на познатиот собирач на македонски народни умотворби Марко Цепенко.
Прилеп бил средиште на македонското национално и ослободително движење. На пример за време на илинденскиот периoд тука дејствувале: Пере Тошев, Ѓорче Петров, Петре Ацев и многу други.
„Могилата на непобедените“ сведочи за херојството на прилепчани кои на 11 Октомври 1941 година со нападот на Участакот ја започнаа борбата против фашистичкиот окупатор.
Овој град е познат светски центар за производство на квалитетен тутун од типот “Прилеп” кој е особено баран на светскиот пазар. Прилеп е и град во кој се наоѓаат рудниците на еден од најквалитетните мермери во светот.
Видео загатка „Погоди го градот“:
