|

Барселона удира по џебот на туристите: Нови драстични такси од април

Сподели на:

Ако планирате патување во каталонската престолнина оваа пролет, подгответе се за сериозен тест на вашиот буџет уште пред да ја пробате првата сангрија на Ла Рамбла. Најновиот чекор на градот во борбата против масовниот туризам е значително зголемување на туристичката такса.

Барселона

Колку ќе ве чини ноќевањето?

Од април оваа година, туристите ќе мора да издвојуваат речиси двојно повеќе пари за секоја ноќ помината во градот. Целта е јасна: да се намали притисокот од посетителите пред самиот шпиц на летната сезона. Во пракса, тоа изгледа вака:

  • Станови за краткотрајно изнајмување: Таксата скока од 6,25 на 12,50 евра по ноќ.
  • Хотели со 4 ѕвездички: За двајца на викенд-престој (две ноќевања), само данокот ќе изнесува 45,60 евра.
  • Хотели со 5 ѕвездички: Ќе се наплаќаат по 15 евра по лице за една ноќ.

Сепак една група останува „поштедена од поскапување“, а тоа се патниците на крстосувачките бродови, чија такса останува иста 6 евра. Екологистите сметаат токму патниците од овие бродови се најголем товар врз инфраструктурата на стариот град.

Протести во Барселона против масовниот туризам. Фотографија објавена во Гардијан.

Зошто Барселона воведува вакви радикални мерки?

Секој што ја посетил Барселона барем еднаш знае зошто е еден од најпосетуваните градови на планетата. Сепак, градот веќе не е во фокусот на медиумите поради својата убавина, туку поради жестоките антитуристички протести кои кулминираа во летото 2025 година.

Локалното население повеќе не може да си дозволи кирии поради прекумерниот број туристички апартмани. Поради ова, градот веќе објави радикална забрана за изнајмување на сите станови на туристи до 2028 година. Барселона едноставно веќе не сака „масовни“ туристи, туку само оние кои се подготвени да платат висока цена за својот престој.

Барселона

Каде ќе завршат парите од повисоките даноци?

Градот очекува преку новиот „Фонд за реинвестирање во туризмот“ оваа година да собере околу 100 милиони евра. Овие средства се наменети за:

  • Подобрување на јавниот превоз;
  • Зајакнување на безбедноста;
  • Иницијативи за одржливост во најпогодените населби.

„Убивање на златната кокошка“

Од друга страна, хотелиерите се очајни. „Еден ден со овие мерки ќе ја убијат гуската што ги снесува златните јајца“ изјави Манел Касалс, претставник на здружението на хотелиери на Барселона, кои се незадоволни од повисоките туристички такси затоа што може да ја намалат бројката на туристи.

Во текстот се користени авторски фотографии од: https://www.theguardian.com/commentisfree/article/2024/aug/19/barcelona-mass-tourism-visitors-city-industry


Сподели на:

Слични Написи