Успешно одржан првиот државен натпревар во дисциплината „Мушичка“

Крушевското Езеро денес официјално стана првото езеро во Македонија домаќин на државната лига во најатрактивната риболовна дисциплина „Мушичка“. Во извонредна атмосфера и со врвна прецизност, најдобрите македонски риболовци ги покажаа своите вештини во оваа „кралска“ дисциплина. ЗСРК Мрена 1987 од Крушево се покажа како одличен домаќин исто како и езерото, затоа што во двете кола беа уловени 145 пастрмки, кои потоа повторно беа вратени во водата.

Натпреварот донесе возбудливи резултати и покажа врвна подготвеност на учесниците. Според официјалните резултати од денешните натпревари:
- Победник во првото коло е Александар Цветановски, кој покажа исклучителна вештина и прецизност.
- Победник во второто коло е Кристијан Апостолоски, кој доминираше со својата техника во попладневниот дел од натпреварот.

Овој настан не само што постави нови стандарди во спортскиот риболов кај нас, туку и уште еднаш го потврди Крушево како водечка дестинација за специфични форми на спортски туризам.






