|

Се слават светите апостоли Петар и Павле

Сподели на:

На 12-ти и 13-ти јули секоја година православните христијани ги слават празниците посветени на светите апостоли свети Петар и Павле. Постојат народни верувања дека двајца апостоли всушност биле браќа или побратими, па заради таа причина нивните празници се слават едноподруго. Се верува дека свети Петар ги чува клучевите од рајот, а свети Павле е особено важен за Македонците.

На 12-ти јули се празнува Петровден

На Петровден му претходи повеќедневен пост, а овој празник е еден од најголемите христијански празници по Велигден. Петровденскиот пост има различно траење, затоа што започнува на празникот Духовден, кој, пак секогаш е 50 дена по Велигден. Петровден е денот кога печалбарите се враќале во родниот крај и заради таа причина тогаш најмногу се празнувало и се правеле свадбите.

Македонците традиционално во Галичник, на овој ден ја одржуваат манифестацијата „Галичка свадба“, што е позната и како „Петровденска галичка свадба“.

Според Библијата, Свети Петар бил рибар и прво се викал Симон, но Господ решил да го нарекува Кифа или Петар, а тој бил првиот ученик на Христос што јасно ја изразил верата во Господ. Кога го извеле Христос пред суд, Петар трипати се откажал од него, но со само еден поглед на лицето на Исус се исполнил со срам и покајание. По слегувањето на Светиот Дух, Петар станал бестрашен и силен проповедник на Евангелието.

Верниците веруваат дека Свети Петар го чува столбот на кој се Земјата, небесната слама (Млечниот пат) и небесниот крст, а се верува дека тој ги чува клучевите од рајот, па затоа најчесто на иконите е претставен со нив во рака. На овој ден не треба да се вршат тешки физички работи, земјоделците се воздржуваат од работа на поле, а сите верници потребно е да се воздржуваат и од тешки физички работи во домот.

На 13-ти јули се празнува Павловден

Соборот на 12-те апостоли, празник познат и како Павловден се празнува на 13 јули. Овој ден е посветен за празнување на сите 12 христови апостоли, а посебно на 13-тиот апостол Павле. За Свети Павле се вели дека пораснал во Ерусалим, а бил еден од главните членови на антихристијанскиот еврејски совет, па тој дури и го одобрил погубувањето на Свети Стефан. Според библиските записи, Павле на пат кон Дамаск видел необична светлина од која ослепил и го слушнал Господ на небото кој му рекол: „Зошто ме прогонуваш? Јас сум Исус, којшто ти го прогонуваш …“. После овој настан Свети Павле станал силен поборник за ширење на христијанството.

Свети Павле има посебна важност за Македонците, затоа што има верување дека своето прво патување надвор од Азија го направил во Македонија, од каде почнал да го шири христијанството.

Исто како и на Петровден, се верува дека на Павловден не треба да се извршуваат тешки работи, а во некои краишта се верувало дека овој светец треба да се празнува за да ги заштити посевите од град.

Сподели на:

Слични Написи