Над Крушево летаат најдобрите европски параглајдеристи

Со учество на натпреварувачи од 38 земји, македонскиот авантуристички бисер овој август е центар на европскиот параглајдинг.
Небото над Крушево овој период е исполнето со боите на 130 претставници од 38 различни држави кои се дел од 18-тото FAI Европско првенство во прелет со параглајдер (Paragliding Cross Country). Настанот, кој трае од 8 до 19 август, во градот донесе повеќе од двесте спортисти, тренери и логистичари.
Полетувањата традиционално се одвиваат од култната локација Мечкин Камен, додека рутите и слетувањата се дефинираат секојдневно во согласност со метеоролошките услови и зацртаните задачи за пилотите.
🪂 ПОГЛЕДНЕTЕ: Вака изгледа полетувањето од Мечкин Камен во очите на еден параглајдерист! За време на првиот тренинг-ден на Европското првенство во Крушево, еден од натпреварувачите го улови овој фантастичен момент. Чувствувајте се како да сте во воздухот со нив! 👇📹
Нови инвестиции за поголем развој на авантуристичкиот туризам
Првенството не само што ја зацврстува позицијата на градот на светската мапа на екстремни спортови, туку дава и силен импулс за локалната економија и туризмот.
„Ова првенство е доказ за капацитетот што го поседуваме, но и мотив плус да вложуваме во иднината. Преку проширувањето на капацитетите за летање, обезбедуваме услови Крушево постојано да биде домаќин на врвни светски настани. Покрај совршените термички услови, клучна е и гостопримливоста на локалното население и целокупната градска атмосфера“, изјави Горан Димишковски, прв човек на Светскиот параглајдинг куп и дел од организацискиот тим.
Паралелно со натпреварите, во тек е и подобрување на инфраструктурата преку прекуграничниот проект со Елбасан, поддржан од ИПА програмата. На локацијата Црн Врв веќе се подготвуваат две нови полетувалишта, со што дополнително ќе се збогати понудата за љубителите на активниот одмор.

По европската елита — пристигнуваат најдобрите млади пилоти во светот
Организацијата на ова првенство е во рацете на клубовите „Extrema“ и „Delta Paraglider“, под покровителство на Воздухопловната федерација, а со поддршка од локалната самоуправа и државните институции.
Веднаш по доделувањето на европските медали, од 24 август градот ќе биде домаќин и на Светското јуниорско првенство во параглајдинг, со што македонскиот центар ја затвора летната сезона како една од најважните дестинации за овој спорт во глобални рамки.

