Над 140 планинари испешачија 21 километар за „Лиска 2026“ во организација на планинарското друштво „Бигла“ од Демир Хисар

Над 140 планинари од повеќе градови во државата учествуваа на седмата планинарска тура „Лиска 2026“, што во неделата на 05.07.2026 година се одржа на Илинска Планина во организација на Планинарското друштво „Бигла“ од Демир Хисар.
Учесниците ја реализираа маршрутата од селото Големо Илино до врвот Лиска, на 1.908 метри надморска височина, при што беа испешачени вкупно 21 километар со совладана висинска разлика од 850 метри.

На традиционалната тура учествуваа членови на повеќе планинарски друштва и рекреативни групи од државата, меѓу кои Планинарско спортско здружение „Козјак“ – Прилеп, I Love Hiking – Group Macedonia, ПСПК „Седми Мај“ – Битола, Планинарско еколошко друштво „Ендорфин“ – Кичево, СПД ГИМ – Скопје, Планинарско друштво „Трансверзалец“ – Скопје, „Еко Пауер Енерџи“ – Битола, групи планинари од Охрид и Битола, како и велосипедисти од Демир Хисар.

Од Планинарското друштво „Бигла“ информираат дека турата поминала во одлична атмосфера и безбедно, а интересот за учество од година во година се зголемува, што, според организаторите, претставува потврда за значењето на манифестацијата во промоцијата на планинарењето, рекреацијата и природните убавини на Илинска Планина.
Во организацијата и реализацијата на настанот поддршка дадоа Општина Демир Хисар, ЈКП „Комуналец“ – Демир Хисар, ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар, Пекара „Младост“, Црвен крст на РСМ – Општинска организација Демир Хисар и НВО „Илиница“ од Големо Илино.
Планинарската тура „Лиска“ веќе седум години по ред ги собира љубителите на планината од целата земја, афирмирајќи ги природните потенцијали на Илинска Планина и придонесувајќи кон развојот на планинскиот туризам во Демир Хисар.








