|

Кочани – град кој вреди да се посети во секое годишно време

Сподели на:

Tериторијата на денешниот град Кочани била населена од најстарите антички времиња, најпрво од Пајонците, Медите и Траките, а во 80-те години од VI век почнуваат да се населуваат и Словените. До VII век припадници на племето Смолјани ја колонизираат Кочанската Котлина и се утврдуваат во неа. Од крајот на XIV век Кочани е под османлиска власт. Познатиот патеписец Евлија Челебија во 1662 година кога пишува за Кочани има забележано дека тоа е населба која има 600 куќи и 15 дуќани.

Кочани – град на оризот

Кочани е познат како град на оризот, а токму кочанскиот ориз е и првиот заштитен производ со ознака која докажува дека потекнува од нашата држава. За тоа како оризот стигнал до Кочани и ден денес се раскажуваат повеќе легенди и преданија, а првите писмени записи потекнуваат дури од XVI век.

Според едно од преданијата забележано во патописните белешки од 1930 година оставени од Тодор Маневиќ, одгледувањето на оризот во Кочанско се поврзува со времето на Александар Македонски, кој го донел по завршувањето на освојувачкиот поход во Персија.

Според легендата за името на селото Оризари, арпата била донесена во втората половина на IX век, во времето на Константин Брегалнички, од отец Арсо, на враќање од Египет после поклонението на Божјиот гроб.

Донесувањето на оризот во Кочанско се поврзува и со трговци кои потекнувале од Дубровник. Има една легенда и за трговецот Кочо кој пред 1337 година прв го донел оризот тука и според него било дадено и името на градот. Во пишани документи името Кочани првпат се споменува во повелбата на деспот Јован Оливер помеѓу 1332 – 1341 год.

Фотографија од градот Кочани

Денес Кочани е модерен град, а во истоимената општина живеат околу 31 600 жители.

Кочани е убаво да се посети во секој период од годината, а на општинската интернет страница може да се прочитаат интересни информации за локалитетите кои препорачуваат да се посетат.

„Белскиот Даб“ од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање е прогласен за природна реткост. За овој даб локалното население верува дека е стар околу 700 години. Овој специфичен даб се наоѓа во селото Бели и затоа и е наречен „белски даб“. Тој е во дворот на манастирот „Св. Илија“. Вкупната височина на дрвото е 19 метри, а обемот на стеблото на градна височина е 5,9 м. Вкупната крошна на Дабот благун е асиметрична и широко разгранета. Оддалеку личи на дланка со раширени пет прсти, која се гледа и од патот кој води кон „Пониква“.

„Гратче“ е мало вештачко езерце, кое се наоѓа на само 6 километри растојание од градот Кочани. Ова место е одлично уредено и има голема посетеност од локалното население, но и од туристите. Освен езерото воодушевување предизвикува и глетката кон водопадот.

Спортско-рекреативен центар „Пониква“ се наоѓа 20 км северно од градот Кочани, на 1580 метри надморска височина на Осоговските Планини. Ова место освен во зима прекрасно е за посета во секое годишно време. Има многу убава природа, а изградени се и повеќе сместувачки капацитети кои од ден на ден стануваат се поатрактивни за посета од домашните, но и од странските туристи.

Забелешка: Податоците и фотографиите во репортажата се позајмени од официјалната интернет страница на Општина Кочани www.kocani.gov.mk

Линк од видео загатката „Погоди го градот“:

Сподели на:

Слични Написи