🚲БИТОЛА СТАНУВА ВЕЛО-ГРАД! По 11 години упорност се реализира иницијативата „Битола на точак“

Битолчани добија над 5 километри изградени велосипедски патеки со што ќе се подобри безбедноста на сообраќајот во градот, а истовремено ќе се заштити и животната средина.
Во 2014 година започна иницијативата „Битола на точак“. Конечно по 11 години оваа добра иницијатива се реализира и Битола конечно влегува на мапата на вело – градови.
„Еден од првите посериозни состаноци кога започнавме ни беше во СВР, каде што ни го презентираа баш овој проект, уште тогаш, дека е одобрен и потпишан, но ете колку години требаше застапување за да го видиме реализиран“, вели Виктор Илиев од иницијативата „Битола на точак“. Градоначалникот на Битола Тони Коњановски при промовирањето на велосипедските патеки истакна дека на овој начин се трасира патот за поеколошка, побезбедна, подостапна и поатрактивна урбана средина.
Од Општина Битола најавуваат дека овде нема да се запре, туку ќе следува доуредување на постоечките патеки – расчистување на теренот, поставување на соодветна вертикална и хоризонтална сигнализација, со што безбедноста и функционалноста ќе бидат значително унапредени. Паралелно, ќе започне и изградба на нови велосипедски рути во делот на поранешната касарна АРМ и други локации низ градот.
Реконструкцијата на тротоарите на улиците „Васко Карангелевски“ и „Партизанска“ со нови велосипедски патеки, се реализира со средства од Буџетот на Општина Битола и претставува проектна активност на проектот Smart4you2, поддржан од Европските фондови.
Преку изградбата на велосипедските патеки градот Битола за своите жители ги подобрува условите за сообраќај, но истовремено станува и привлечна дестинација за љубителите на велосипедизмот и активниот туризам, поттикнувајќи здрави навики и зелени решенија.
Видео:
