Кавадарци – град на виното и убавата македонска песна

Како областа Тиквеш го добила своето име
Кавадарци е најголемиот град во областа Тиквеш, па затоа на почетокот ќе дадеме објаснување за тоа како Тиквеш го има добиено името. Според едно предание во близина на селото Ресава на површина од околу еден хектар се наоѓала стара античка населба која според мештаните се викала Градот. Населбата била обиколена со високи ѕидови кои на места достигнувале повеќе од 6 метри, а биле широки од 2 до 3 метри во основата. Должината на ѕидот изнесувалa повеќе од 400 метри.
Има предание дека во месец август 1018 година во близина на рекичката Ресавска се случила голема борба помеѓу бранителите на Градот и византиската војска. Поради жестокоста на битката имало жртви и на двете страни на реката. Времето било многу топло и немало кој да ги погребе мртвите тела на загинатите војници. Како последица на тоа, телата од жешкото сонце биле подуени како тикви, па според тоа и областа го добила името Тиквеш, а и малата рекичка каде што и се одиграла борбата ја нарекле Тиквешица, а тоа име го има и денеска.
Потекло на името
Кавадарци прв пат се спомнува во во 1519 година, а во 1664 година, Евлија Челебија го посетил Кавадарци и запишал дека местото е центар на 70 живи села. Во однос на потеклото на името, се верува дека името Кавадарци потекнува од новогрчкиот збор кавадион, што значи вид на наметка изработена од еден вид скапоцена ткаенина. Зборот кавад означува плашт или наметка од скапоцена ткаенина, која во средниот век ја носеле световни или црковни великодостојници. Од кавад би се изведила именката кавадар, што би било изработувач или продавач на таков вид производ или материја. Низ градот тече реката Луда Мара. Населбата настанала кон крајот на XVII век, по завршувањето на Австро-турската војна (1689-1690). Населението се занимавало со земјоделство, трговија и занаетчиство. Се спомнува дека во 1857 година е мало гратче со околу 2.000 жители, а денес во градот живеат околу 37 000 жители.
Предлог дестинации за посета

Тиквешкото Езеро е една од најомилените места за посета во Кавадарци. Езерото е изградено во 1968 година, во долното течение на Црна Река, пред излезот на реката во Возарско Поле. Езерото е едно од поголемите вештачки акумулации, со површина од 14км2, должина од 28 км и зафатнина од 475*10м3. Богато е со риба, при што особено се истакнува сомот, кој може да достигне должина над два метра.

На околу два километри од с. Ресава, на рид висок 80 метри, над устието на Тиквешка Река во Црна се наоѓа средновековниот град Тиквеш. Во III век п.н.е. на тоа место постоела населба, која во доцната антика била обновена и зацврстена со кули. Покрај бедемите се пронајдени темели на голем број градби. Со изградбата на акумулационото езеро, на денешниот остров се зачувале само горните остатоци од населбата.

Во месноста наречена Моклиште, во близина на Кавадарци, во долината на реката Луда Мара се наоѓа Моклишкото Езеро. Ова езеро е создадено во 1956 година кога имало уривање на ридот. На тој начин се направила природна преграда (брана) на долината на реката Луда Мара и потоа просторот се исполнил со вода. Во стручната литература ова езеро се класифицира кака урниско езеро и е доказ како природата само за неколку минути самата ја изгради браната на езерото. Во текот на овој настан биле затрупани стадо овци со нивните пастири.

Михајлово е една од најпознатите локации каде кавадарчани, но и многубројни посетители од други места ја пронајдоа својата шанса за вистински да уживаат во убавините на природата. Михајлово е на 35 км оддалеченост од градот Кавадарци, а со изградбата на скијачкиот центар „Михалово“ се очекува во следните години да прерасне во многу атрактивен зимски туристички центар.
Видео разгледница:
Instragram: https://www.instagram.com/reel/DJwT8kto9Gh/?utm_source=ig_web_copy_link&igsh=MzRlODBiNWFlZA==
Facebook: https://www.facebook.com/share/r/18eAK7xvjG/
За Кавадарци се испеани многу песни, а ние ќе ве потсетиме на песната која за овој град ја испеа Есма:
