Репортажа за селото Арилево

Во Македонија има вкупно 1783 села, а овој податок во 2019 година го објави Државниот завод за статистика (извор: https://www.stat.gov.mk/oblastopsto.aspx?id=1). Во овој наш текст нема да пишуваме за темата која сите нѐ боли, значи нема да пишуваме за бројката на напуштените села и нема да ги анализираме причините за иселувањето од македонските села. Нашата цел е да ве потсетиме на убавините кои ги имаат нашите села и можностите кои како народ треба да ги искористиме за да го развиеме селскиот туризам.

Поранешното основно училиште во Арилево
Арилево е само едно од многуте македонски села во кои денес живеат мал број на луѓе, според пописот од 2021 год. регистрирани се само двајца жители. Сепак Арилево е место кое редовно го посетуваат сите оние кои своето детство го минале таму, што е уште еден доказ дека се работи за село кое изобилува со многу природни убавини.
Низ селото тече реката Шапка (именувана подоцна како Жаба)
Селото се наоѓа во северозападниот дел на територијата на Општина Крушево, на јужните падини на Бушева Планина. Селото е планинско, сместено на надморска височина од 960 метри. Од градот Крушево е оддалечено 4,5 километри. Непосредно до селото минува регионалниот пат 2337.
Соседни села на Арилево се: Белушино, Селце и Норово од исток и североисток. Горно Дивјаци и Долно Дивјаци се имињата на соседните села од север и југозапад. Арилево граничи и со градот Крушево.

Црква „Св. Атанасиј“
Ако го посетите Арилево можете да уживате додека шетате низ селото и ги разгледувате старите македонски куќи. Таму можете да го вкусите највкусното овчо сирење кое го произведуваат во ова село. Можете да го посетите изворот на минерална вода, водопадот, а сигурни сме дека ќе уживате и ако ги посетите двете цркви „Св.Никола“ и „Св.Атанасиј“. Во продолжение ви препорачуваме да го погледнете видеото кое ви го подготвивме за црквите во селото Арилево.
Видео:

