|

Деринкују: подземен град во Турција

Сподели на:

Ова е една од најинтересните туристички атракции во Турција која се наоѓа се во регионот Кападокија. Подземниот град случајно бил откриен во 1963 година кога еден жител започнал да го реновира својот дом и отстранил ѕид по што открил подземен коридор. На тој начин започна археолошкото истражување со кое се открија остатоци од древниот град Деринкују кој постоел уште пред 2 500 години. Откриени се многу подземни тунели и простории, кои се протегаат на длабочина од повеќе од 85 метри под земја. Интересен е податокот дека во подземниот град можат да се сместат 20 000 луѓе.

Се верува дека градот е направен во времето кога христијаните биле прогонувани, со цел тука да можат да се скријат и да бидат заштитени. Цели 6 месеци можеле да го продолжат својот живот во подземниот град, а откако ќе поминела опасноста од напади повторно се појавувале на површината од земјата.

Многу значајни се информациите дека имале направено одличен систем за вентилација кој обезбедувал свеж воздух за сите жители на подземниот град. Пронајдени се и неколку бунари кои обезбедувале чиста вода за населението, а на влезот од градот имало огромни камени капии кои биле користени за да го спречат нападот од непријателите. Градителите на подземниот град смислиле одличен начин за складирање на стоката. Со цел да се избегнат непријатни мириси во самиот град, стоката ја чувале во највисоките нивоа. До сега се откриени 20-тина нивоа, а туристите можат да посетат 8 нивоа.

Во подземниот град освен складишта за храна имало и подрум за чување на вино и масло, но биле изградени и цркви и училишта. Доказите укажуваат дека најдлабокиот кат се користел за кујна. Во прилог на ова тврдење оди и податокот дека таванот е црн, што укажува на поголема количина на чад. Кујната е на дното за да бидат позаштитени, за чадот да не излегува надвор над земјата, односно да не може да се види од страна на непријателите, зошто така би ја откриле нивната локација. Освен Деринкују во Турција постојат и други подземни градови. Подземните градови се граделе на места каде имало варовнички карпи, што им го олеснило копањето бидејќи самиот варовник не е многу цврст материјал.

Сподели на:

Слични Написи