|

Богомила – село кое му е мило на Бога

Сподели на:

Во срцето на Македонија, скриено меѓу падините на Јакупица и Бабуна, лежи селото Богомила. Не е само точка на картата. Богомила е срцето на регионот Азот, место каде традицијата живее, а времето се чини дека тече по свој, помек ритам. Заборавете на брзањето и стресот на градот, затоа што овде, секој камен, секоја куќа и секоја насмевка раскажуваат приказна.

Место каде историјата шепоти од ѕидовите

Богомила не е новоформирано село, уште во 1337 се спомнува името на селото. Потеклото на името на селото често се поврзува со Богомилското движење, кое оставило значаен белег на Балканот, а се верува дека попот Богомил кој и го започнал Богомилското движење живеел овде. Попот Богомил го започнал дцижењето уште во првата половина на X век и од овие краишта се раширило низ целиот Балкан и Западна Европа.

Денес во Богомила може да сретнете многу стари куќи, некои од нив се напуштени, други грижливо одржувани, но сите тие сведочат за минатите времиња и животи на овие простори.

Природа која одзема здив

Богомила не е само историја. Таа е и симфонија на природата. Опкружена со бујни шуми и зелени пасишта, селото е идеална почетна точка за истражување на околните планини. Чистиот планински воздух ве освежува, а погледите кон бескрајното зеленило се вистински мелем за душата. Реката Бабуна, која нежно тече низ околината, нуди можности за релаксација покрај нејзините брегови. Тука, во мир и спокој, може навистина да се поврзете со природата.

Луѓето – вистинското богатство на Богомила

Она што ја прави Богомила навистина посебна се нејзините луѓе. И покрај тоа што младите се иселуваат во потрага по подобар живот, оние кои остануваат или се враќаат, го чуваат духот на селото. Тие се топли, гостопримливи и подготвени да ја споделат својата приказна и својата традиција. Разговорите со нив често откриваат мудрост стекната низ генерации, а нивната издржливост е инспиративна.

Иако како и повеќето македонски села се соочува со многу предизвици, сепак Богомила останува да биде вистински бисер на Македонија. Тоа е место каде што може да се исклучите од бучавата на светот и да се поврзете со себеси, со природата и со минатото. Посетете ја Богомила – и дозволете ѝ да ви ја раскаже својата приказна.

Видео репортажа:

YouTube:

Сподели на:

Слични Написи