Битола со 2000 денари: Комплетен водич за незаборавен викенд во градот на конзулите

Дали е можно да го почувствувате духот на Битола, да јадете добро, да пиете кафе на Широк Сокак и да посетите културни знаменитости со ограничен буџет? Одговорот е ДА. Битола нуди многу повеќе отколку што мислите, дури и кога паричникот не е преполн.
Ви претставуваме план како да поминете 48 часа во Битола со само 2000 денари по лице (без вклучено сместување).

Ден 1: Култура, историја и најубавото кафе
- 09:00 – Појадок со вкус на традиција (110 ден): Започнете го денот во Старата битолска чаршија. Еден топол бурек со јогурт во некоја од култните пекари ќе ве чини околу 110 денари.
- 11:00 – Враќање во минатото. Посетете го Завод и Музеј Битола. ќе имате прилика да ја видите спомен-собата на Мустафа Кемал Ататурк и прекрасните археолошки поставки.
- 13:00 – Прошетка низ антиката. На само 2 километри од центарот е Хераклеја Линкестис. Мозаиците се светско богатство кое мора да се види. На официјалната страница од Завод и Музеј Битола има информација дека 100 денари се влезниците за посета од страна на македонските граѓани. Значи за посета на Музејот и Хераклеја потребни ќе ви бидат 200 денари. Дополнителна информација: Ако планирате посета на секој први во месецот, влезот е бесплатен за сите посетители!
- 15:00 – Ручек за мерак (400 ден): Подалеку од Широк Сокак, во околните улички или кај Стариот пазар, за 400 денари може да уживате во вкусните битолски специјалитети.
- 18:00 – Ритуалот на Широк Сокак (90 ден): Едно еспресо или макијато на „Корзо“ додека го набљудувате градот е задолжително битолско искуство.
- 21:00 – Вечера под светлата на градот (300 ден): За вечера првиот ден, идеално е да пробате култна битолска пица или пастрмајлија во некој од локалите кои се малку повлечени од главната улица. Битолските пицерии се познати по одличниот квалитет и пристапните цени.

Ден 2: Природа и чист воздух
09:30 – Појадок со битолски јогурт (100 ден): Вториот ден започнете го во некој од млечните ресторани или пекари во близина на пазарот. Пробајте битолски симит-погача или топла кифла со познатиот локален јогурт. Тоа е енергијата што ви треба за прошетката што следува.
11:00 – Бесплатна релаксација во Градскиот парк: Прошетка низ еден од најубавите паркови во Македонија – чист воздух и мир без никаков трошок.
13:00 – Посета на духовните светилишта: Битола е позната по своите храмови. Можете да се упатите кон Кркардаш – Св. 40 маченици или да посетите некоја од многубројните цркви во градот и околината. Овие свети места се вистинско сведоштво за вековната традиција и вера, нудејќи мир и прекрасен панорамски поглед на регионот.
15:00 – Битолски „street food“ (250 ден): Не заминувајте без да пробате некој од легендарните битолски сендвичи или познатиот ќебап „на нога“ во чаршијата или некој друг специјалитет од познатите битолски ресторани или пицерии.
17:00 – Време за десерт (100 ден): Почестете се со традиционална тулумба, боза или баклава во старите слаткарници – за сладок крај на викендот.
20:00 – Брзо и вкусно за крај (200 ден): Пред да ја напуштите Битола, уживајте во традиционалното битолско ѓеврече или топла принцес-крофна од локалните фурни кои работат до доцна. Ова е најевтиниот, а веројатно и најслаткиот начин да го заокружите викендот додека ги средувате импресиите од градот.

Финансиска конструкција (по лице):
Храна и пијалаци (2 дена): 1.550 ден.
Влезници (Музеј + Хераклеја): 200 ден.
Резерва (превоз, дополнително кафе или поскапо јадење): 250 ден.
ВКУПНО: 2.000 денари.
Совет плус: Битола е град со најбогата туристичка понуда во цела Македонија, така да слободно можете да предвидите дека за време на вашата посета сигурно ќе наидете и на некој настан од културата кој ќе го задржи вашето внимание, а престојот ќе ви биде уште позабавен. Движете се пеш за да заштедите на такси, да го почувствувате пулсот на градот и да ги видите преубавите фасади на старите конзулски куќи.

