Харис Џиновиќ и Дамјан Стојановски приредија спектакл за паметење, се очекува големо финале со Никола Роквиќ

Втората вечер на Пиво Фестивал 2025 во Прилеп кулминираше со спектакуларен настап на легендарниот Харис Џиновиќ, кој пред илјадници посетители ги испеа своите најголеми хитови. Градот под Марковите кули и синоќа (сабота, 19 јули) беше центар на најдобрата забава, пиво и скара во регионот, потврдувајќи го статусот на фестивалот како еден од најомилените летни настани во Македонија.
Вечерта започна со настапите на младата и талентирана Јана Мрческа, по што атмосферата ја загреа групата „Калабалак“. Публиката имаше можност да ужива и во хитовите на Дамјан Стојановски, кој направи одлична увертира за главната ѕвезда на вечерта.
Околу полноќ, на сцената се појави Харис Џиновиќ, дочекан со громогласен аплауз. Со својата уникатна енергија и безвременски песни како „Муштулук“, „Париске капије“, „Како ми недостајеш“ и многу други, создаде неверојатна атмосфера, а публиката во еден глас ги пееше сите песни. Харис за неговите македонски фанови испеа и две македонски песни „Јовано, Јованке“ и „Битола мој роден крај“. После настапот на Џиновиќ забавата продолжи пред Камената бина, а сите оние кои сакаа да продолжат да се забавуваат играа на музиката од DJ Robbie Ray. Мирисот на скара и богатата понуда на ладно пиво од повеќе пиварници со над 20 различни вкусови, само го надополнија уникатното фестивалско доживување.

Последна вечер и големо финале на Пиво Фест 2025
Организаторите најавуваат уште една незаборавна вечер за крај на овогодинешното издание на Пиво Фестивалот. Вечерва, во недела (20 јули), публиката ќе има можност да ужива во богата музичка програма и одлична забава.
Програмата ќе започне со настап на „Екстра бенд“, по што следуваат момците од „Модерато“. Атмосферата ќе ја вжешти познатиот рапер Тајзи, а големата завршница е резервирана за еден од најпопуларните поп-фолк пејачи на Балканот, Никола Роквиќ.
Се очекува финалето на фестивалот да привлече огромен број посетители од цела Македонија и пошироко. Организаторите и градот Прилеп ги покануваат сите љубители на добрата музика, вкусната храна и одличното пиво да дојдат и да бидат дел од завршната вечер на Пиво Фестивалот 2025. Не пропуштајте ја последната можност за одлична забава под отворено небо!




