Честит Први Мај-Денот на работникот

Денес насекаде низ светот се празнува Денот на работникот. Празнувањето на Први Мај е поврзано со настаните од1886 година кога повеќе десетици илјади работници од американскиот град Чикаго излегле на улиците, со единствена цел да издејствуваат воведување на осумчасовен ден. На 3 мај дошло до судир помеѓу работниците на синдикатот кои штрајкувале и оние кои биле вработени наместо нив. Тогаш се вмешала и полицијата која применила палици и огнено оружје за да воспостави ред при што се убиени 4 лица и повредени многу членови на синдикатот.
Ваквиот однос на полицијата предизвикала огромен револт помеѓу штрајкувачите, а група предводена од Август Спајс и Алберт Парсонс побарале самите да се вооружаат. На 4 мај, околу 3.000 членови на синдикатот го продолжија штрајкот, но пред крај, лице чие идентитет никогаш не бил откриено, фрлило бомба при што биле убиени 7, а ранети 67 полицајци. Полицијата ги уапсила организаторите на штрајкот и ги извела на суд, а четворица од нив, меѓу кои Спајс и Парсонс, на 11 ноември 1887 година биле погубени. За време на погребната церемонија на улиците на Чикаго излегле околу 250.000 луѓе.
На првиот конгрес на Втората интернационала одржан во 1889 година било одлучено „Први мај да биде заеднички празник во сите земји, на кој работниците треба да манифестираат единство и солидарност во своите барања за подобрување на својата положба“. Оттогаш празникот е манифестација на класната солидарност на работниците во светот.
Во Македонија првите синдикални почетоци датираат од 1908 година, кога е формиран првиот легален Синдикат на чевларските работници.
Во чест на овој ден Ве потсетуваме на една од најубавите македонски поетски творби кои се посветени на работниците, песната „Копачите“ од Кочо Рацин.

Фотографија со ликот на Кочо Рацин
КОПАЧИТЕ
Се к’ти ноќта црна!
Се р’ти карпа – мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори –
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
Пробудете се морни
копачки и копачи –
на трудот
црн
народ!
Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден –
да тргнеме и ние
страдалници од век!
На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!
На работа!
На труд!
Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.
И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.
На работа!
На труд!
Да роди род богат!
Да бликне живот млад!
На пепел троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно
на воздух!
Ораме со рало
но земјата ни златна
колку е богата!
На пепел троскат, пелин!
Во огин пламен јад!
Да престане, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал –
скот.
И в таја мугра пресна
да екне дружна песна
на дружните удари –
та бијат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јад!
Од сички маки тешки
не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!
На работа!
На труд!
Та не сме саде ние
та не сме саде тука –
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн –
народ!
Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
ќе б’сне сонце златно –
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот –
ќе л’сне живот нов!
И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековита смрт!
Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!
Се кати ноќта црна!
Се рути карпа – мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори –
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
