| |

Крушево прослави четири децении творештво на поетот Никола Јованоски

Сподели на:

Сношти, на 3 јули 2026 година, во преполниот салон на бутик хотелот „Св. Никола“ во Крушево, се одржа свечената промоција на новата стихозбирка на Никола Јованоски, насловена „По четириесет лета“, а со тоа се одбележа и неговиот голем јубилеј – 40 години поетско творештво.

Настанот беше вистински празник на пишаниот збор, на кој присуствуваа бројни пријатели, почитувачи на делото на авторот и љубители на поезијата од Крушево и од цела Македонија.

Промоторот Кочо Топузоски со бирани зборови зборуваше за значењето на делото на Никола Јованоски во македонската литература, истакнувајќи ја неговата уникатност и придонес кон збогатувањето на културната сцена во градот и пошироко. Тој ја спореди поезијата на Јованоски со жива река која постојано тече, носејќи со себе емоции, мисли и искуства.

Стиховите од новата стихозбирка „По четириесет лета“ беа изразени со многу емоции од страна на Игор Трпчески, кој со својата интерпретација успеа да ги приближи поетските слики и пораки до срцата на присутните.

Овој настан беше не само промоција на една нова книга, туку и славење на 40-годишниот посветен труд на Никола Јованоски – поетот, професорот и човекoт кој културата ја носи во срцето. Неговите стихови се огледало на неговиот дух, на неговата љубов кон татковината, кон традицијата, кон луѓето. Тие се порака за сите нас, порака за трајните вредности што треба да ги негуваме и да ги пренесуваме на следните генерации.

За авторот:

Никола Јованоски е роден во Крушево на 15 ноември 1962 година. Од 2 000 година е член на Друштвото на писатели на Македонија. Професор е по македонски јазик и литература и поет кој веќе 40 години активно придонесува за развојот на македонската култура. Автор е на неколку стихозбирки, меѓу кои првата негова поетска книга „Уште нешто“, потоа „Варница“, „Забел“, „Прошталник“, „Гостинска одаја“, „Ѕвекот на ѕевгарите“, „Клокотници“, „Кревки мисли“, „И би збор…“ Неговите стихови се преведени на повеќе странски јазици и се добитници на бројни награди. Автор е и на романот „Во пазувите на коријата“, а Никола е и приредувач на многубројни изданија, меѓу кои: „Крушево и Крушевската Република“, „Крушево и неговите борби за слобода“, „Албум на илинденците од Крушево и крушевско“, „Епопејата на Крушево“, монографијата „Крушево за Васил Иљоски“…

За книгата:

„По четириесет лета“ е нова стихозбирка на Никола Јованоски, уредник на печатеното издание е Ацко Јовановски, корицата ја дизајнираше Емил Солески, а книгата е печатена во прилепската печатница „Ацетони“. Стиховите на Јованоски се полни со емоции, со поетски слики и пораки кои го допираат срцето на читателот.

 
Сподели на:

Слични Написи