| |

Жељко Самарџиќ, Де Вито и Џејла Рамовиќ ќе бидат главни ѕвезди на „Тиквешки гроздобер 2026“

Сподели на:

Со одлука на Советот на општина Кавадарци се донесе програмата за претстојната манифестација „Тиквешки гроздобер 2026“.

Овогодинешното издание на фестивалот ќе се одржи од 4 до 6 септември, а компанијата „Иноватива груп“ ДОО Скопје е одговорна за подготовки и реализација.

Главната локација за забавниот дел ќе биде Градскиот плоштад во Кавадарци, каде што се очекуваат масовни настапи на познати регионални и домашни музички имиња:

Петок (4 септември):

Вечер за помладата публика и модерните ритми.

Програмата започнува со македонскиот состав Зи Бомб, по што следува настапот на регионалната трап-ѕвезда Де Вито, а вечерта ќе ја заокружи DJ Галовски.

Сабота (5 септември):

Одлична комбинација на поп и рок музика. Публиката ќе ја забавуваат македонските бендови Дупер и Нокаут, а главна ѕвезда на вечерта е легендарниот Жељко Самарџиќ.

Недела (6 септември):

Големото финале на фестивалот ќе го одбележат настапите на младата и популарна Џејла Рамовиќ и познатиот пејач Пеџа Јовановиќ, по што во 01:00 часот по полноќ ќе следува спектакуларен огномет.

Покрај вечерните концерти, „Тиквешки гроздобер 2026“ нуди разновидни дневни содржини со фокус на негување на лозаро винарските обичаи:

Како централен настан на традицијата- карневалот, ќе се одржи во сабота (5 септември) .

Во недела е планирано и традиционалното Детско карневалско дефиле придружувано од DJ Bono.

Градскиот плоштад ќе биде уреден со брендирани монтажни елементи и шатори наменети за промоција и дегустација на познатите тиквешки вина, ракија, маџун и традиционална храна.

Исто така, во духот на народното творештво ќе биде уредено и Полициското паркче.

Програмата го вклучува кошаркарскиот турнир „Сестри Китеви“ во спортскиот центар „Јасмин“, мото рели низ градските улици, изложба на олдтајмери на улицата „Илинденска“ и традиционална таблијада.

Во Паркот на револуцијата во текот на трите дена ќе се емитува староградска музика која ќе се слуша истовремено со вкусот на најдобрата кавадаречка скара. Фестивaлот има за цел повторно да привлече гости од целата држава и регионот и да го потврди статусот на Кавадарци како винска престолнина.

Сподели на:

Слични Написи