Замина актерската легенда Гоце Тодоровски

Сподели на:

Македонската културна сцена oд денеска е посиромашна затоа што не напушти еден од најголемите македонски актери. Синоќа, на 75-годишна возраст, почина доајенот на македонското глумиште, Гоце Тодоровски.

Веста за неговото заминување ја соопшти неговата ќерка Сашенка, со зборовите дека неговиот дух и дело остануваат вечни: „Душата не умира… летај со ангелите“.

Живот посветен на уметноста и публиката

Гоце Тодоровски е роден на 30 април 1951 година во Кичево. По дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Илија Џувалековски, станува дел од Драмскиот театар во Скопје. Преку стотиците улоги во театарот, на телевизијата и на филмот, тој се вгради во темелите на современата македонска култура.

Неговата кариера е исполнета со соработки со најголемите домашни режисерски имиња — Слободан Унковски, Коле Ангеловски, Димитар Станковски, Владимир Милчин, Димитрие Османли и многу други.

Човекот кој донесе насмевки во секој дом

Тодоровски ќе остане запаметен како заштитно лице на култните „Македонски народни приказни“, радио-програмата „Хихирику“, како и сериите кои го одбележаа детството и младоста на повеќе генерации:

  • „Бушава азбука“
  • „Солунски патроџии“
  • „Трст виа Скопје“
  • „Итар Пејо“
  • „Во светот на бајките“
  • „Чук, чук Стојанче“

На филмското платно остави траен печат во остварувањата како „Среќна Нова ’49“, „Тетовирани души“, „Викенд на мртовци“, „Учителот“, „Шеќерна приказна“ и редица други.

За својот долгогодишен придонес кон уметноста и промоцијата на македонскиот дух, тој е добитник на бројни признанија, меѓу кои и високата државна награда „23 Октомври“.

Гоце Тодоровски зад себе остава богато наследство и спомени кои засекогаш ќе живеат во македонската културна меморија. Вечна му слава!

Сподели на:

Слични Написи