|

Поставена привремена заштита на споменикот во Крушево. Се заштитуваат витражите и галериите до почетокот на целосната конзервација

Сподели на:

По реакциите во дел од јавноста околу заштитната конструкција на споменикот во Крушево, од НУ „Историски музеј – Крушево“ појаснуваат дека станува збор за привремена техничка мерка за спречување на оштетувањата, а не за конечен конзерваторски зафат.

На споменикот „Илинден“, во јавноста познат и како „Македониум“, деновиве е поставена челична конструкција чија цел е да го запре навлегувањето на вода и да го заштити објектот од понатамошно оштетување. Станува збор за споменик кој поради оштетувањата и долгогодишното протекување во ноември 2025 година беше прогласен за културно добро во опасност, објаснуваат од Завод и музеј – Прилеп, под чиј стручен надзор се изведуваат работите.

„Влагата е долгогодишен проблем на споменикот и токму затоа сега се обидуваме да најдеме соодветно решение. Заштитната конструкција има за цел да го заштити објектот од влагата предизвикана од дождовите, а во зимскиот период и од снегот. Ова е исклучиво привремено решение кое во ниту еден момент не го менува оригиналниот автентичен изглед на Македониумот. Во тек е изработка на комплетниот проект за целосна конзервација и реставрација, по што привремената конструкција во целост ќе биде отстранета“, за нашиот портал изјави в.д. директорот на НУ „Историски музеј – Крушево“, Миха Оџаклиески.

Технички детали за заштитата

Превентивната интервенција опфаќа поставување челична конструкција на сите осум галерии на споменикот — четирите со витражи, кои имаат претрпено најголеми оштетувања и четирите со стакло. Конструкцијата се монтира на надворешната страна од првото и второто ниво, а врз неа ќе биде поставен заштитен лексан, со што директно ќе се спречи влегувањето на атмосферска вода во внатрешноста.

Од Музејот во Крушево дополнуваат дека зачувувањето на овој значаен споменик на културата е нивен врвен приоритет и апелираат за разбирање во јавноста додека се реализираат подготвителните фази до конечното започнување на главниот конзерваторски проект.

Сподели на:

Слични Написи