Крушево пулсира во ритамот на младоста: Сношти спектакуларен концерт на „Lockdown“ и „Invictus“ на „Крушево Будно 2026“!

Највисокиот град на Балканот деновиве живее во знакот на младоста, креативноста и незаборавната енергија. Од 11 јули, Крушево е домаќин на овогодинешното издание на младинскиот фестивал „Крушево Будно 2026“, кој низ осум фестивалски денови понуди исклучително богата програма исполнета со музика, театар, едукација и адреналински авантури.
Сношти Градскиот парк ечеше во ритамот на рок и поп звуците
Фестивалската атмосфера го достигна својот врв сношти (17 јули) во Градскиот парк, каде што стотици млади уживаа во вистински музички спектакл. Вечерта ја отвори „Lockdown Band“, кои со својата енергична свирка и препознатлив репертоар веднаш ја загреаа публиката. Веднаш по нив, сцената ја презеде крушевчаните „Invictus Band“, кои со моќни вокали и врвна изведба приредија вечер за паметење и ја држеа публиката на нозе сè до полноќ, по што забавата продолжи со одличниот сет на DJ Doubleone до раните утрински часови.
Најава за вечерва (18 јули): Големото финале е во рацете на диџеите!
Денес е последниот ден од фестивалот, а организаторите најавуваат спектакуларно затворање. Вечерва во Градскиот парк, фокусот е ставен на електронската музика и врвната клупска атмосфера. Еве ја целосната програма за последната фестивалска ноќ:
- 21:00 – 23:00 часот – DJ Totsilly (загревање на атмосферата со модерни ритми)
- 23:00 – 01:00 часот – DJ Chiko (главниот фестивалски пик со енергетски сет)
- 01:00 – 03:00 часот – DJ Estephano (завршница во голем стил за најиздржливите)


Осум дена исполнети со култура, дружење и адреналин
„Крушево Будно 2026“ е многу повеќе од обичен музички фестивал. Посетителите во изминатите денови имаа можност да ја проследат театарската претстава „Нирвана“, да учествуваат во едукативната работилница за влашка култура и јазик, како и да ги тестираат своите граници во адреналинскиот парк и да уживаат во Sunset забави.
За сите посетители беше овозможен и специјален фестивалски пакет од 1.000 денари, кој вклучуваше влез за сите настани, ланч пакет, официјална маичка и подароци од спонзорите.
Овој значаен настан, чија цел е промоција на младинската култура, туризмот и активното вклучување на младите во општествениот живот, е реализиран со поддршка на Европската Унија и Општина Крушево, а го организира Младински совет Крушево.
Искористете ја последната вечер – Крушево ве очекува со својата прекрасна природа, препознатлива гостопримливост и забава која ќе се прераскажува!


Крушево будно 2026. Фото: Маја Преш