Ученици и наставници од Австрија во посета на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Бучин. Започнува нова меѓународна соработка!

ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – с. Бучин, Oпштина Крушево во периодот од 7-ми до 14-ти октомври 2025 година имаше чест да пречека драги гости – група ученици и наставници од приватното основно училиште Private katholische Mittelschule Oberland (PMSO) Ludesch од Австрија.
Оваа долгоочекувана посета е реализација на претходно договорената соработка, која започна со посета на австриските наставници во текот на летниот распуст, со цел запознавање со нашиот образовен систем, наставните програми и културните особености на регионот.
Фотографија: Посета на Охрид


За време на еднонеделната посета, учениците и наставниците од Австрија имаа можност директно да се запознаат со работата на ова македонско училиште, а наставниците од двете земји си разменија и меѓусебни искуства со цел во иднина на своите ученици да им овозможат уште поквалитетна настава.
Фотографија: Посета на Скопје

Преголема е бројката на заедничките активности, а ние само ќе ви ги споменеме:
- Јавање коњи и спортски натпревари со врсниците од Крушево во кошарка, фудбал и одбојка.
- Традиционална трка низ улиците на Бучин.
- Заедничка екскурзија со посета на старата чаршија и плоштадот во Скопје, Манастирот Свети Наум, Св. Јован Канео и разгледување на стариот дел од Охрид. Гостите од Ludesh ја посетија и Битола.
- Заеднички наставни активности во подрачните училишта во Светомитрани, Пресил и централното училиште во Бучин
Фотографија: Во Светомитрани се презентираше македонската народна традиција и носија
Училиштата постојат за да ги образуваат децата, но и да ги воспитуваат да ја сакаат и ценат својата традиција, a истовремено да ги почитуваат и сите оние кои имаат различна традиција или обичаи. Во тој контекст значајно е да се спомене дека австриското училиште е приватно католичко училиште, а за време на својата посета на Македонија нивните ученици имаа можност да се запознаат подобро со православната и муслиманската религија кои се најдоминантни во Македонија. Австриските ученици ја посетија црквата Света Петка, во Црниче во Скопје, каде беа многу убаво пречекани од страна на свештениците и беа запознати со дел од најзначајните особености на православната христијанска црква.
Фотографија: Посета на црквата Света Петка во Црниче, Скопје

Голем интерес кај учениците предизвика и посетата на џамијата во Пресил каде за прв пат имаа можност да дознаат повеќе и за муслиманската религија.
Фотографија: Посета на џамијата во с. Пресил, Општина Крушево

Фотографија: Посета на училиштето во с. Пресил

Оваа соработка не е само еднократен настан, туку претставува почеток на повеќегодишно партнерство. Двете страни се обврзаа на заедничко аплицирање на европски образовни програми, вклучувајќи го и Еразмус+, со цел да се овозможи понатамошна размена на знаења, искуства и добри практики.
Фотографија: Спортски натпревари и игри помеѓу деца од Лудеш (Ludesch) и Крушево


Фотографија: Трка низ улиците на Бучин

Училиштето ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Бучин ја потврдува својата посветеност кон интернационализација на образованието. Веруваме дека ова партнерство ќе биде одлична основа за идна успешна соработка и ќе придонесе за унапредување на наставата и подобрување на квалитетот на образованието за сите ученици.
Очекуваме дека реализацијата на заедничките проекти финансирани од европските фондови ќе донесе многу бенефити и нови можности за учениците и наставниците.
Фото галерија:








