|

Смеа до солзи во Крушево – демирхисарци со одлична театарска претстава „Бегај, еве ја жена ти!“

Сподели на:

Крушевската публика имаше извонредна можност да ужива во убава театарска претстава исполнета со хумор, динамика и безброј комични заплети. На театарската сцена во Крушево се одигра комедијата Бегај, еве ја жена ти, која уште еднаш докажа дека добриот хумор и квалитетната актерска игра се секогаш вистински рецепт за исполнета сала и задоволна публика.

Под режисерската палка на Благој Николов, актерите успеаја да ја пренесат хаотичната, но бескрајно забавна приказна, држејќи го вниманието на гледачите од почетокот до самиот крај. Добра театарска претстава не се создава случајно. Како што истакна самиот режисер Николов: „Зад целиот тој хумор и динамика стојат месеци посветена работа и дури 48 проби, на кои ги усовршувавме секоја реплика и секое движење. Токму тој голем труд и професионализам беа клучот претставата да изгледа толку моќно, течно и убаво пред публиката“.

Главниот актер во претставата Димче Бошевски, кој го игра ликот на Јован, човекот кој живее со две жени на нашето прашање „Како е да се живее со 2 жени“ одговори: „Немаш право на грешки, затоа што ќе ти ги најдат и тие што не си ги направил“.

Актерска екипа и улоги:

Лик (Улога во претставата)Го толкува (Актер)
Јован БашевскиДимче Бошевски
Марија БашевскаВикторија Ристевска
Биби БашевскаМарија Вељановска
СтојанДејан Најдовски
Инспектор ЛазоМарио Петковски
Инспекторка БранкаАнета Наловска

За одличната атмосфера и звучна поддршка која дополнително го засили темпото на самата претстава се погрижи Јана Талевска со својот музички избор. Претставата е во изведба на членовите на Драмското студио при Домот на култура „Илинден“ од Демир Хисар, а организатор на настанот е Домот на култура „Наум Наумовски Борче“ од Крушево.

Претставата понуди одличен спој на класична комедија на забуни, каде секоја секунда е важна, а актерите со својата неверојатна енергија и тајминг не дозволија ниту за само еден момент, публиката да го изгуби вниманието.

Ова културно случување уште еднаш покажа дека Крушево има верна публика која знае да го препознае и награди вистинскиот театарски квалитет со громогласен аплауз. На оние кои ја пропуштија, им препорачуваме задолжително да ја погледнат при следната изведба!

Веќе се најавени гостувања во Кривогаштани, Кичево, Кочани, Демир Капија…

Сподели на:

Слични Написи