|

Откријте ja Пелагонија: Добредојдовте во Демирхисарско!

Сподели на:

Дали копнеете за патување кое ќе ве однесе далеку од градската врева, каде што историјата шепоти од секој камен, а природата плени со својата недопрена убавина? Демирхисарскиот крај е токму тоа место – скриен скапоцен камен во срцето на Македонија, подготвен да ви ги отвори портите кон едно незаборавно искуство.

Природна убавина што го одзема здивот

Зачекорете во светот на бујни шуми, зелени пасишта и кристално чисти реки. Прошетајте низ патеките на Илинска Планина, уживајте во прекрасните погледи кон чистата природа или пак опуштете се покрај мирните води на Црна Река. За љубителите на активен одмор, Демирхисарско нуди идеални услови за пешачење, планинарење, велосипедизам, па дури и јавање. Дишете чист планински воздух и наполнете ги батериите!

Манастирски туризам

Манастир „Св. Јован Претеча“ Слепче

 

Почувствувајте го духот на минатото преку бројните споменици кои сведочат за богатата историја на овој крај. Посетете го легендарниот Манастир „Св. Јован Претеча“ во Слепче кој постои од 5-от век. Причини за посета на овој манастир има многу, а ние ќе ви ги наброиме: “Големиот крст со распнатиот Христос” од XVI век, “Царските двери” и певниците изработени во копаница. Верниците кои го посетуваат овој манастир се воодушевени од манастирските органски производи (мед и други пчелини производи, сирење, кашкавал,  урда, кајмак, мармалади, манастирска огнена вода, обработено органско месо и други сезонски производи). Големо внимание привлекуваат и рачните изработки, сувенири, бројаници, бижутерија, вредните слики и икони. Верниците доаѓаат и за поклонение на мироточивите мошти на Св. Кипријан Слепченски, а во манастирот се наоѓаат и мошти на повеќе светители на кои верниците може да се поклонат.

Манастир „Св. Атанасиј Александриски“ Журче

За манастирот во Журче има податок дека првата манастирска црква е подигната во 1122 година. Овој манастир има отворен живописан трем што многу ретко може да се види во другите манастири од овој период. Според текстот напишан во тремот, се гледа дека тој е зоографисан во 1622 година. На него се поставени ликовите на словенските светители Јован Рилски и Јаким Осоговски, како и илустрациите на календарските месеци со прикази на најкарактеристичните дејства во секој од месеците.

Во Демирхисарско голема е бројката на манастири, а ако сакате да дознаете повеќе, ви препорачуваме да го отворите следниов линк: https://demirhisar.gov.mk/turistichka-ponuda/

Вистинско уживање во традиционалната македонска храна

Патувањето низ Демирхисарско не е комплетно без да ги вкусите традиционалните специјалитети. Уживајте во автентична македонска кујна, подготвена со локални, свежи производи. Во овој крај се наоѓаат најпознатите македонски етно ресторани: „Горна куќа“ во с. Слепче, „На Валајци“ во с. Слоештица, „Бабино“ с. Бабино, „Костенче“ во Смилево, а и во самиот Демир Хисар има прекрасни места каде може да ја вкусите највусната храна: „Чичко Таљо“, „Типсо“, „Златна 7-ка“ и „Либра“.

Зошто Демирхисарско?

Само тука, поточно во Бабино, можете да ја најдете „АЛБИ“, најголемата приватна библиотека не само во Македонија, туку и во поширокиот регион. Во Демир Хисар е Ателје галеријата на Љубе Бобек Неделковски „Ван Гог“, Меморијалниот музеј на Смилевскиот конгрес во Смилево, „Арт Поинт-Гумно“ во Слоештица. Има интересни места за посета кои се поврзани со животот и делата на Петре М. Андреевски, Јордан Пиперката, Даме Груев, а има и уште многу, многу други причини заради кои вреди да се посети овој преубав македонски крај.

Приватна библиотека Алби во Бабино

Меморијален музеј на Смилевскиот конгрес во Смилево

Ако барате мир, спокој, недопрена природа, богата историја и автентично искуство, Демирхисарско нека биде вашиот следен избор. Идеален е за оние кои сакаат да избегаат од секојдневието и да создадат незаборавни спомени.


Подготвени сте за авантура? Спакувајте ги куферите и дозволете Демирхисарско да ве изненади!

 

Сподели на:

Слични Написи