Охрид домаќин на првиот состанок за „ADVENTOUR II“: Пет плажи ќе станат целосно пристапни за лицата со попреченост

Вчера во Охрид се одржа првиот координативен состанок во рамки на проектот „ADVENTOUR II – Accessible Adventure Across the Borders“, кој се реализира преку програмата Interreg VI-A IPA Greece – North Macedonia 2021–2027.
На состанокот, покрај домаќините од Општина Охрид, присуствуваа претставници на сите проектни партнери:
- YMCA – Солун, Грција
- Грчката национална туристичка организација
- Мрежата за рурален развој – Скопје
- Извидничкиот одред „Крсте Јон“ – Струга
Главната цел на средбата беше координација на претстојните активности, дефинирање на следните чекори во имплементацијата и зајакнување на партнерската соработка за успешно реализирање на проектот.

Клучни инвестиции во Охрид: Пристапни плажи и специјализирано возило
Во рамките на „ADVENTOUR II“, Општина Охрид ќе реализира конкретни активности за подобрување на пристапноста на 5 јавни плажи на охридското крајбрежје. На овие локации ќе бидат поставени:
- Современа урбана опрема и пристапни патеки;
- Прилагодени соблекувални и санитарни јазли;
- Решенија за полесен, побезбеден и самостоен пристап на лицата со попреченост до езерото.
Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој на Општина Охрид, истакна: „Со реализацијата на проектот се очекува значително подобрување на пристапноста на охридските плажи, зголемување на бројот на туристи со попреченост, подобри услови за безбедност и рекреација, развој на инклузивен и одржлив туризам, како и зајакнување на туристичката понуда. Покрај опремата, ќе биде набавено и возило за лицата со посебни потреби, кое Општина Охрид ќе го стави на располагање и ќе го сервисира.“

Прекугранична соработка за нов туристички потенцијал
Проектот има силна регионална компонента која треба да ги поврзе туристичките капацитети од двете страни на границата.
Димитрис Папас од YMCA – Солун, нагласи: „Проектот има за цел создавање прекугранична рута за пристапен авантуристички туризам која ќе ги поврзе планинските и езерските туристички дестинации во двете соседни земји. Чест ни е што ќе соработуваме со сите партнери во проектот и се надевам дека ќе реализираме успешни проектни активности.“
Од Мрежата за рурален развој од Скопје изразија задоволство што за првпат ќе работат на проектни активности во овој регион, фокусирајќи се на едукацијата и подигнувањето на свеста.
– Нашата улога ќе биде поголемо вклучување и зголемување на свесноста кај сите заинтересирани страни кои ќе бидат вклучени во овој проект, да ги поттикнеме и да организираме различни обуки кои ќе се спроведуваат заедно со партнерите. Се надевам и верувам дека преку проектот ќе овозможиме поголемо вклучување на локалните заедници, особено на лицата со посебни потреби за кои се наменети проектните активности, објасни Петар Ѓорѓиевски, претседател на Мрежата за рурален развој.

Инклузивна иднина за локалниот туризам
Со успешната реализација на проектот „ADVENTOUR II“, Охрид и поширокиот прекуграничен регион ќе добијат нови можности за развој на пристапен и инклузивен туризам. Проектот поставува нови стандарди за тоа како модерните туристички дестинации треба да ги отворат своите порти и природни убавини за сите посетители, без исклучок.

