|

Oбичаи за празникот Спасовден

Сподели на:

Вознесение Христово, Ден на Спасителот или Спасовден е еден од подвижните празници и секогаш се слави 40 дена по Велигден, христијански подвижен празник кој се слави 40 дена по Велигден, а десет дена пред Задушница. Спасовден датумот го менува, како и Велигден, но денот не и затоа секогаш се празнува во четврток. Во Новиот завет од Светото писмо поточно во светото Евангелие според Марко опишано е и вознесението Христово: „А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го окрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин!“ Така Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале по храмовите. Спасовден или празникот Вознесение Господово е еден од десетте празници посветени на Христос.
Според христијанското верување, со воскресението Господ покажал дека е посилен од смртта и на 40-тиот ден по воскресението, неговите ученици се сретнале на трпезата.

Обичаи за Спасовден

Вевчани

Во книгата „Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски, Струга 2002 се наведени обичаи кои се однесуваат на празнувањето на Спасовден. Спасовден во Вевчани се слави трипати во годината и тоа како пролетен, есенски и зимен празник. Во сите тие денови обичај е да се оди во манастирот Св. Спас (Горни). Таму се ноќева, се принесуваат дарови кои потоа се лицитираат и продаваат како приход за манастирот. Свети Спас се смета како заштитник на селото можеби затоа луѓето вовеле уште два празнични денови за него. Зимскиот празник е воспоставен заради печалбарите, а есенскиот за здравје на добитокот.

 

Голо Брдо

Во минатото интересни обичаи поврзани со овој празник се одржувале во Голо Брдо, област со македонско население што по поделбите на Македонија останала во Албанија. Во селото Дренок на Спасовден носеле крсти (литии). Секоја куќа крстите ги пречекувала со софра на гумното. На софрата задолжително имало леб, а врз лебот каленица со пржени јајца со сирење. Лушпите од јајцата ги ставале на гранки и ги фрлале во оган „за од очи”, но и за црви да не го јадат пиперот. Поворката со крстите трипати обиколувала една смрека, каде што имало и капела, а учесниците во обредот земале од смреката по едно парче кое им служело за лек, кога некој ќе се разболел го каделе со тоа дрво. На Спасовден литии носеле и во селото Стеблево. На секоја нива крстите ги чекал домаќинот, а попот пеел молитви. Во секој дом пак, имало поставена трпеза. Тоа го правеле и христијаните и муслиманите. Кај местото Чукнитопан поворката одмарала, а тука се играло и оро. Местото така го викале бидејќи некогаш тука имало стража која со удирање во тапан давала знак дека патот низ Дервен (над Јабланица), што водел од Голо Брдо кон Струга е слободен.

Битуше

На Спасовден за последен пат во тековната година се вапцуваат црвени велигденски јајца, а бојата од котлињата или тенџерињата во кои изминатите 40 дена се вапцувале велигденските јајца се истура во чиста вода во селската река. Котлето или котлињата се измиваат и се оставаат на сигурно место, до идната година на Величетврток. Овие податоци се извадени од книгата „Битуше, празници, традиции, верувања“, 2006.

Други верувања и обичаи:

Во периодот пред Спасовден млеко не се пиело од Нова Година. На овој празник се верува дека ако спиете преку ден ќе дремете целе година и затоа се верува дека денски не треба да се спие на Спасовден. Мажите не се бричат, жените не се мијаат, а децата не се бањаат. Постоел обичај жените да ја поминат ноќта на гробовите на своите мртви во пресрет на празникот, затоа што верувале дека тогаш се појавуваат нивните духови.


Спасовден се смета за ден кога треба да се празнува Главниот четврток во годината. Се верува дека громовникот Перун на Спасовден, ги удрил посевите со молња и град, а божеството Спас ги спасило посевите од градот со помош на класови жито во раката.

На самиот крај од овој наш текст посветен на обичаите и верувањата поврзани со празнувањето на Спасовден ќе Ви препорачаме да го погледнете видеото од песната која за овој празник ја има испеано Сузана Спасовска:

 

Сподели на:

Слични Написи