КРУШЕВО МЕЃУ СТИХОВИТЕ НА ВРЕМЕТО: НАГРАДА „ВАСИЛ ИЉОСКИ“ ЗА 40 ГОДИНИ ТВОРЕЊЕ

На 24 декември 2025 година, во срцето на Крушево – градот на Карев и Тоше, но и градот на Васил Иљоски – за првпат се одржа книжевна манифестација којашто го носи токму името на еден од темелите на македонската драмска уметност, големиот Васил Иљоски.
Со оваа манифестација, Крушево не само што оддаде почит кон неговото книжевно наследство, туку испиша и нова, значајна страница во културниот живот во Македонија.
Во рамките на оваа реномирана книжевна манифестација беа доделени книжевни награди на тројца лауреати: истакнатиот македонски писател Венко Андоновски – награда за животно дело; Михајло Свидерски – награда за развој на македонската книжевност; и Никола Јованоски – специјална награда за 40 години книжевно творештво.

Книжевната награда „Васил Иљоски“, за првпат годинава, беше доделена од страна на Книжевниот кружок „Васил Иљоски“ Крушево, кој дејствува во склоп на Здружението за афирмација на култура, екологија и рурален туризам „Културен манифест“ Крушево.
Во продолжение го претставуваме лауреатот на специјалната награда „Васил Иљоски“ – поет чиј творечки пат трае четири децении и чиј збор не се чита, туку се чувствува, професорот Никола Јованоски.

Следната пригодна реч, напишана од Маја Митева-Петроска, член на комисијата за доделување на наградата „Васил Иљоски“, претставува благодарност за четириесет години посветеност на зборот, преку стихови кои длабоко се врежуваат во колективната и личната меморија на читателите.
Пригодба реч за животот и делото на професорот Никола Јованоски, добитник на првата книжевна награда Васил Иљоски
Како што често милува да каже професорот Јованоски, привилегија за еден човек е да биде крушевчанец, да живее и твори тука, во градот-востаник и градот-херој, градот во кој историјата и природата се вечна и неисцрпна инспирација за секој уметник. Токму затоа, тој никогаш не заминал оттука, од родниот град, туку напротив, цели шест децении домува, учителствува и твори во својата родина, во татковото огниште…. цитирам: „исцрпен до крај, заминувам во зборот, да најдам малку мир, за мојте кревки мисли“. Вечен вљубеник во својот град, лик од чаршијата и од еснафот, кој зад себе остава неизбришливи траги не само во творештвото, туку и во образувањето на многу генерации средношколци од крушевската гимназија, бидувајќи нивни идол и инспирација.
Токму затоа, голема е честа, да прочитам пригодна реч за животот и делото на професорот Никола Јованоски, добитникот на првата книжевна награда Васил Иљоски, специјална книжевна награда за 40 години книжевно творештво. Со избрани зборови, ќе се обидам накратко да го претставам како што одамна го именува и почитуваниот професор Венко Андоновски, како „тивкиот и важен поет“ кој четири децении, постојано го обновува своето раѓање, преку пишаниот збор, воспевајќи ја слободата на духот, преку играта на зборови, преку тивките треперења на копнежот, загадочно, завиено… И како што и самиот напиша, пред 20 години, неговото творештво е, цитирам: „израз на моите стремежи секогаш да има „уште нешто“ оти од „варница“ почисти ќе сме за во „забел“ да не залидаме и секогаш да го бараме „прошталникот“ во себе особено кога се наоѓаме во „гостинска одаја“. Тука, ќе си земам слобода и би додала, 40 лета, преку извонредното и прецизно ракување со зборовите силно се слуша „ѕвекот на ѕевгарите“, во совршенство со татнежот на „клокотница“ која ги разбранува нашите „кревки мисли“.
Во свет којшто постојано брза некаде, во време коешто бара објаснувања и јасни пораки, професорот Јованоски ни подарува нешто ретко: доверба во читателот. Доверба дека ќе застанеме. Дека ќе влеземе во просторот меѓу зборовите. Дека ќе се осмелиме да чувствуваме, без да знаеме сè. Доверба која е градена на грбот на скриената нарација или како што своевремено ќе каже Милош Линдро „публикува еден многу особен тип на поетски говор, со кој нè внесува во подрачјето на светата и незаконска Желба. Нејзината светост е загарантирана од неминовно пренесената жртва…“ Таа „незаситна желба“ го трасира творечкиот пат на професорот Јованоски, како што ќе каже и Славе Ѓорѓо Димоски „неговата поезија претставува една бескрајна беседа на довикување и обновување на рељефните дамари на поетскиот израз“.

Неговата творечка приказна започнува одамна, односно со литературни творби се појавува во далечната 1982 година, со објавување на песни, раскази, литературни и ликовни критики во повеќе списанија, за во 1986 година да ја објави својата прва збирка поезија „Уште нешто“. Истата година, ова негово првенче ја добива наградата „Млада Струга“, за најдобро дебитантско остварување. До денешен ден има објавено десет збирки поезија и еден роман, а како приредувач се јавува на повеќе книжевни изданија, сите поврзани со Крушево, со посебен акцент на двете монографии во чест на Васил Иљоски, „Крушево за Васил Иљоски“ и „Крушевчанецот Васил Иљоски“. Од 2000 година е член и на Друштвото на писатели на Македонија.
Поетскиот стил на професорот Јованоски се обликува во простори на апстрактното, каде што поимите не служат за објаснување, туку за продлабочување на внатрешната состојба. Централните теми произлегуваат од сферата на емотивното, но секогаш испреплетени со рационалното – како постојан внатрешен дијалог меѓу срцето и свеста. Егзистенцијалниот страв е тивок, но постојан придружник на стихот, надополнет со носталгија по нешто изгубено, недофатливо, можеби никогаш целосно постоечко.
Во неговата поезија се чувствува суптилна побуна против готовите значења и наметнатата смисла, побуна што не вика, туку шепоти. „Светата желба“ се појавува како длабоко вкоренет копнеж – духовен, човечки, кревок – кој го движи лирскиот субјект и покрај свеста за сопствената минливост. Недореченоста е клучен стилски белег: стихот намерно остава празнини, простори во кои читателот е повикан да влезе со сопственото искуство и сомнеж.
Рефлексивната лирика на говорот носи скриена наративност, фрагментарни приказни што се расплетуваат меѓу редовите, без јасен почеток или крај. Поетското слово е високосвесно, прецизно и зрелo, создадено од автор кој не ја докажува својата поетска моќ, туку тивко ја потврдува. Во таа зрелост, вечната човекова минливост не е само тема, туку суштина – сведоштво за свесноста дека токму кревкоста ѝ дава длабочина на човечката егзистенција.
На самиот крај, по четири децении творештво, оваа поезија не е само збир од стихови, туку трага што тивко, но длабоко се врежува во колективната и личната меморија. Таа сведочи за редок поетски интегритет – за верност кон зборот, кон тишината и кон човековата внатрешна вистина. Ова е дело што не завршува со последниот стих, не завршува со „Кревки мисли“, туку продолжува да одекнува како зрела, достоинствена благодарност за четириесет години посветеност на зборот.
И сосема на крај, едно кратко, но моќно писание, за светот денес, во кој во секој судир, рамнотежата на моќта ја обликува и природата на однесувањето, или како што ќе каже професорот Јованоски, „кроткоста на ѕверот зависи од гневот на неговиот противник“.
На следниов линк можете да пронајдете дел од сместувачките капацитети со кои соработуваме: https://informacija.mk/category/smestuvanje-mk/krushevo/
Резервирајте го Вашиот престој во Крушево преку нашите партнери:
🏠 Планираш престој во Крушево?
Погледнете ги најдостапните апартмани, вили и хотели во Крушево по најниски цени. 👉 Види ги сите понуди во Крушево
*Резервацијата е преку Booking.com
