Од денес прилепчани и битолчани побрзо ќе стигнуваат до Скопје

Се пушти во употреба делницата Дреново-Фариш до Прилеп и на тој начин се скрати патот и се подобрија условите за возење на сите оние кои во иднина ќе патуваат на релација Битола-Прилеп-Скопје. На денешното свечено пуштање во употреба на овој нов пат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека сега од Скопје до Прилеп ќе се патува за околу 1 час и 15 до 20 минути, а до Битола за час и 40-тина минути. Овој чекор на подобрување на условите за патување не е последен, зошто продолжува со реализација и проектот за патниот правец Прилеп-Битола.
Делницата Фариш – Дреново е дел од експресниот пат А1 од коридорот 10д. Проектот е со вкупна вредност од 44,74 милиони евра и е финансиран со заем од ЕБОР (Европска банка за обнова и развој). Пред неполни 6 месеци беше пуштена првата делница Градско-Дреново, а со довршувањето на градежните работи за изградбата на делницата Фариш-Дреново се доби целина од 26 километри експресен пат во Коридорот 10д со кој се скратува на времето на патување од Скопје, Велес и Градско кон Прилеп, Битола, Ресен, Крушево и другите населени места.
