Љубовта нема рок на траење: Со песна и спомени ќе се одбележи 45-тиот роденден на Тоше Проески

Спомен-куќата на Тодор Проески во Крушево ќе биде место на емоции, спомени и музика. Со пригодна програма ќе се одбележи 45-тиот роденден на нашата најголема музичка ѕвезда, Тоше Проески, кој прерано нè напушти, но остави трајни вредности преку својата хуманост и вонсериски талент.
Иако физички не е присутен, неговиот роденден останува ден кога фановите, пријателите и почитувачите на неговото дело се обединуваат за да го слават неговиот живот.
Музички колаж во спомен на легендата
Настанот ќе биде исполнет со звуците на неговите најубави песни. Тоше е идол на младите и затоа годинава честа да ги интерпретираат неговите нумери и да оддадат почит ќе ја имаат млади музички имиња, кои веќе ја освојуваат македонската сцена.
Песни од Тоше ќе запеат неговите сограѓанки крушевчанките Ребека Јанкоска и Леона Јанкоска, која во минатата година победи на меѓународниот музички натпревар Musicarte кој се одржа во Италија.


Кирана Иваноска, тоа е уште еден прекрасен глас кој ќе запее песна од Тоше, а потврда за убавината на нејзиното пеење е освоеното прво место на меѓународниот натпревар WAF (World association of festivals).
Дорис Димовска (Дорис Ди), родена во Гостивар, познато музичко име на нашата сцена која има освоено награди на повеќе интернационални фестивали. Во продолжение слушнете го нејзиниот хит „Кога не ме сакаш“.
Само за Тоше во Крушево ќе допатува и запее и Марија Алинчанец. Годинава на 11 јануари во Скопје се одржа музичкиот настан WAF (World association of festivals), а Марија го освои првото место.

Јана Мрческа во чест на Тоше има снимено музички сплет со песни од Тоше, а со нејзината песна „Убава и храбар“ која ја испеа на Макфест ги освои и срцата на македонската публика.
Освен музика посетителите ќе присуствуваат и на промоцијата на книгата „Душа остана“ која во чест на Тоше ја напиша битолчанецот Бојан Тодоровски.

Спомен-куќата, која веќе со години е „дом“ на неговите лични предмети, награди и спомени, утре ќе биде исполнета со младост и гласови кои го продолжуваат неговиот пат.
„Ве сакам сите“ – пораката која и по толку години одекнува низ Крушево, утре повторно ќе нè потсети дека Тоше не е само дел од македонската историја, туку и дел од секое наше срце. Настанот е отворен за сите граѓани кои сакаат да бидат дел од овој роденденски спомен.
