|

Културен празник во Крушево: Учениците од „Никола Карев“ блеснаа со претстава на влашки јазик

Сподели на:

На 24 октомври 2025 година, во ООУ „Никола Карев“ во Крушево се одржа убав културен настан кој ја прослави различноста и талентот на младите. Спортската сала на училиштето се покажа како премала да ги собере сите посетители, љубители и поддржувачи на модерната верзија на детската театарска претстава „Црвенкапа“ која беше изведена на влашки јазик.

Овој значаен настан беше организиран од Домот на култура „Наум Наумовски-Борче“, под покровителство на Министерството за култура и туризам, со што се потврдува важноста на проектот за зачувување и промоција на јазикот и културата на Власите.

Главните актери беа учениците од основното училиште кои редовно го изучуваат влашкиот јазик. Нивниот ентузијазам и талент, кои ја освоија публиката, освен на талентот кај самите деца се должат и на посветеноста и макотрпната работа на наставниците Надица Нане, Емил Солески и Ставре Шоке. Тие успеаја да ги водат децата низ процесот на создавање на претставата, која претставува одличен пример за функционално учење на јазикот и негово практицирање преку театарската уметност.

Огромниот интерес на публиката во Крушево е потврда за потребата од вакви културни настани и дава силен поттик за организаторите и децата учесници. За сите кои не успеаја да присуствуваат, или сакаат повторно да ја видат претставата, закажани се и следните изведби:

  • 01.11.2025 година: Битола – Дом на култура, Мала сала.
  • Втората половина на ноември: Скопје.

Не пропуштајте ја оваа прекрасна детска претстава која е спој на едукација, култура и чиста детска радост!

Сподели на:

Слични Написи