Ѓурѓовден: Празник на пролетта, храброста и народната традиција

Ѓурѓовден, еден од најубавите и највеселите пролетни празници се слави на 6-ти мај. Овој ден е посветен на Свети Георгиј Победоносец, симбол на храброст, победа над злото и заштитник на земјоделството, сточарството и војската.
За животот на Свети Георгиј Победоносец
Според едни извори Георгиј Победоносец е роден во Kaпадокија, според други во градот Бејрут, а според трети во Лида Палестинска, околу 270 година. Неговите родители биле богати, но чесни и побожни. Рано останал без татко, по што мајка му заедно со него се преселила во Палестина од каде што потекнувала и каде што поседувала голем имот. Тамо го минал детството посетувајќи ги местата каде што Исус го проповедал своето учење. Тука се стекнал и со образование. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската. Уште на 20 годишна возраст добил висок чин – воен трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет. По смртта на мајка му тој станал наследник на големиот имот, но набргу ги ослободил робовите, а имотот го разделил на сиромасите. Со тоа како да се подготвувал за јавно проповедање на својата вера. Кога Диоклецијан започнал жесток прогон на сите христијани, Георгиј му се спротивставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа многу го разочарало императорот кој веднаш наредил Георгиј да биде затворен и подложен на најсурови мачења, со единствена цел да се откаже од својата вера и да му се врати на идолопоклонството. Легендата вели дека ноќта пред да оди кај царот му се јавил Исус, на главата му ставил победнички венец и го охрабрил да издржи во своето верување ветувајќи му дека наскоро ќе го земе кај себе.
Видео:
Народни обичаи и верувања поврзани со Ѓурѓовден
Низ вековите, Ѓурѓовден е проткаен со богати обичаи и верувања кои се пренесуваат од колено на колено. Рано наутро, пред изгрејсонце, се берат зелени гранчиња, цвеќиња и тревки кои симболизираат нов живот и плодност. Со нив се украсуваат домовите, портите и добитокот, со желба за здравје, среќа и благосостојба.
Еден од најубавите обичаи е плетењето венци од цвеќиња и зеленило. Младите девојки ги носат овие венци на главите, симболизирајќи ја пролетната убавина и младост. Често се организираат и ора и песни на отворено, каде што луѓето се собираат да ја прослават радоста на животот и доаѓањето на потоплите денови.
Традиционално, на Ѓурѓовден се коле јагне, како благодарност за плодната година и за здравјето на семејството и добитокот. Овој обред е длабоко вкоренет во народната традиција и претставува заедничка гозба за целото семејство и пријателите.

Посебно значаен обичај што е поврзан со Ѓурѓовден е лулањето или нишањето. На зелени дрва (слива, врба, муренка, јаболкница и др.) се обесуваат ортоми и на нив преку целиот ден се нишаат децата, но и повозрасните девојки и момчиња, дури и помладите невести. Секој што е на нишалката во рацете држи црвено јајце, а во некои краишта уште и некој сребрен предмет (најчесто прстен), коприва, трева, лепаец и камен. Среброто симболизира трајност (долговечност), тревата – гоење, каменот – цврстина, лепаецот се носи за да се лепат по девојките момчиња и по момчињата девојки, а копривата во народните верувања е симбол на магиска моќ. При лулањето се пеат песни соодветни на возраста и положбата на оној што е на нишалката. Различна песна се пее за мало дете, друга на девојка или на момче, поинаква на невеста итн. Со Ѓурѓовден се поврзани и други обичаи и верувања. Рано во зори се пука од пушка за да се избркаат болвите, луѓето се мерат на кантар поставен на некоја гранка од зелено дрво, девојките гатаат за да го дознаат идниот брачен другар. Се изведуваат и обичаи за заштита на стоката особено од преземање на млекото зашто се верува дека на овој ден со магии можело млекото од една млечна крава да се пренесе на помалку млечна или дури и на жена доилка.

Во верувањата поврзани со Ѓурѓовден важно место има легендата според која свети Георгиј ја убил ламјата. Оваа легенда што нашла место на фреските и иконите во повеќе цркви во Македонија е раскажана е во преданија и е опеана во некои песни. Многубројните и разновидни обичаи што се изведуваат на Ѓурѓовден, како што се оние со билките, песните што го опеваат разбудувањето на природата, радоста поради враќањето на животот по зимскиот пасивен период и сл. упатуваат на сознанието дека Ѓурѓовден е сточарски и земјоделски празник, а свети Георгиј е небесен клучар кој ги контролира небесните и земните природни појави што влијаат да биде топло летото и да биде богат бериќетот. Обичаите со крмењето на стоката, со првото пуштање на добитокот на пасење, со жртвеното јагне, упатуваат на тоа дека Ѓурѓовден е празник на сточарите.
Ѓурѓовден е повеќе од само религиозен празник. Тој е ден на будење на природата, на надеж за подобра иднина и на заедништво. Ги потсетува луѓето на важноста на храброста, истрајноста и вербата во доброто. Во многу семејства, овој ден се празнува со посебна радост и внимание, пренесувајќи ги убавите обичаи на помладите генерации.
Нека ни е честит Ѓурѓовден! Да го прославиме со радост, мир и благосостојба во нашите домови и срца.
На самиот крај, од многуте песни кои се испеани за овој празник ќе ве потсетиме на популарниот хит на групата Бело Дугме, а можете да го погледнете и македонското оро Ѓурѓовден во изведба на Танец.
Видео од Бело Дугме:
Видео од Танец:
