Битолски средношколци победници на првиот натпревар „Средношколец Милионер“

Тимот Stay BE во состав: Јован Талевски, Иван Секуловски и Марио Рабаџиевски, средношколци од три битолски училишта, се победници и ја освоија титулата „Средношколец Милионер“. Нивната бизнис идеја го таргетира глобалниот пазар.
Stay BE понудија решение „Систем 4“, кој користи напредни алатки со вештачка интелигенција за автоматска анализа на проблеми во хотелско-угостителскиот сектор, а има и понуда на три вида дигитални системи:
• AI чат-асистент за веб-страниците на рестораните и хотелите
• AI телефонски агент за комуникација со клиенти
• Брза изработка или надградба на веб-страници со AI алатки
Системот автоматски идентификува потенцијални клиенти, испраќа персонализирани пораки и во некои случаи дури и бесплатна демо-верзија за да се зголеми довербата.

Наградата која ја освоија битолските средношколци е дел од првото издание на натпреварот за најдобри средношколски бизнис идеи „Средношколец Милионер“ кој го организира Бреинстер. Натпреварот започна со визија да создаде национална платформа која ќе ги препознае, охрабри и поддржи младите луѓе со претприемачки дух. По повеќемесечна подготовка, селекции и менторства, финалето ја потврди огромната енергија и талент кај новата генерација иноватори.
Покрај главната награда, победниците добија и понуда од инвеститори за дополнителна инвестиција од 6.000 евра, како и вредносни ваучери за Brainster NEXT и НУ Академијата за талентирани средношколци.
