Мориконе за крај и два биса: „Flowers Symphony“ пред бројна публика во Долни Сарај

По концертот во Битола, „Flowers Symphony“ на Оркестар DIVA ја продолжи својата музичка приказна во Охрид, каде на 18 август во Долни Сарај пред бројна публика беше изведена програма што ги спои операта, италијанските канцони, француската песна и некои од најпознатите теми од светската кинематографија.

Под диригентската палка на Владимир Димовски, повеќе од сто учесници беа дел од концертот, а централното место им припадна на солистките Јаворка Витанова, Виолета Арсовска и Зана Абази-Рамадани, специјалните гостинки Наде Талевска и Билјана Талевска, како и хорот „Гортинија“ од Гевгелија, под водство на Илија Атанасов.

Од „Nessun dorma“ до Мориконе, „Gladiator“ и „Time to Say Goodbye“ концертот понуди жанровски разновидна програма, во која трите оперски солистки имаа можност да се претстават и индивидуално и во заеднички изведби. Јаворка Витанова ја изведе „Mamma“, а потоа и препознатливата „Parla più piano“ од „The Godfather“. Посебен дел од нејзиниот настап беше музиката од „Gladiator“, изведена заедно со хорот, со што една од најпознатите филмски теми доби моќен симфониски и вокален звук.

Виолета Арсовска пред охридската публика настапи со „Ochi Chernye“, „Granada“ и „Hijo de la Luna“ – три композиции со сосема различен карактер, преку кои го покажа својот вокален распон и сценска енергија.Зана Абази-Рамадани донесе поинаква боја на вечерта со француската класика „La vie en rose“, а потоа ја изведе и познатата арија „O mio babbino caro“ од Пучини. Еден од нејзините највпечатливи настапи беше „The Ecstasy of Gold“ на Енио Мориконе, во заедничка изведба со хорот и оркестарот.

Трите сопрани заедно ги изведоа и „Nessun dorma“ и „Time to Say Goodbye“, кои беа меѓу највпечатливите заеднички вокални моменти на концертната вечер.Наде Талевска како Дива од „Петтиот елемент“. Еден од најнеобичните сценски моменти на вечерта го донесе Наде Талевска со изведбата на „The Diva Dance“, познатата композиција од култниот филм „The Fifth Element“.Настапот не беше осмислен само вокално, туку и визуелно. Талевска на сцената се појави целосно обоена во сина боја, со што беше доловен препознатливиот лик на оперската Дива Плавалагуна од филмот. Со оваа сценска трансформација, во комбинација со специфичната и исклучително барана вокална делница на „The Diva Dance“, публиката доби настап кој значително се разликуваше од останатиот дел од програмата и беше еден од моментите што привлекоа најголемо внимание вечерта.Билјана Талевска со виртуозната „Glitter and Be Gay“.

Свој впечатлив настап имаше и Билјана Талевска, која ја изведе „Glitter and Be Gay“ од „Candide“ на Леонард Бернштајн.Композицијата е позната по своите високи вокални барања и колоратурни делници, а Талевска со својата изведба внесе дополнителна динамика и поинаков карактер во програмата.

Покрај вокалните композиции, Оркестар DIVA се претстави и со инструменталната „Raiders March“ на Џон Вилијамс, уште една препознатлива филмска тема која се вклопи во концептот на годинашното издание на „Flowers Symphony“ – спој на оперскиот и симфонискиот звук со музиката од големото платно.

Публиката ги врати двапати на бис
Охридската публика не ги пушти изведувачите така лесно од сцената, па концертот заврши со два биса. На првиот, сите сопрани повторно се собраа на сцената за една од најпознатите италијански канцони – „O sole mio“. Изведбата донесе и еден интересен момент со долгото држење на короната, што предизвика силна реакција и аплауз од публиката.Но, ниту тука не беше крајот. Публиката побара уште еден бис, а за последната изведба на вечерта Зана Абази-Рамадани повторно излезе на сцената со „The Ecstasy of Gold“, овојпат како финален печат на концертот. Токму повторната изведба на познатата тема на Енио Мориконе донесе еден од најспецифичните моменти на целата вечер.

Препознатливиот вокал на композицијата, гласот на Зана, хорот и звукот на оркестарот постепено ја градеа кулминацијата, а амбиентот на Долни Сарај дополнително го засили впечатокот. Во тие неколку минути музиката и просторот се споија во сцена која повеќе наликуваше на филмски кадар отколку на класичен концерт.Со „Flowers Symphony“, Долни Сарај една вечер беше место на кое на иста сцена се сретнаа Пучини, Бернштајн, Мориконе, Џон Вилијамс, операта, италијанската канцона и филмската музика.

По Битола и Охрид, годинашното издание на „Flowers Symphony“ покажа дека проектот прераснува во концертна приказна која покрај музиката сè поголемо внимание посветува и на сценскиот израз, создавајќи настапи што публиката не само што ги слуша, туку и ги гледа и доживува.
Фото: Ивона Кочов


