| | |

Јубилејно 20-то издание на „Локум фест“ во Битола: Три дена музика и балканска традиција

Сподели на:

Битола се подготвува за три дена исполнети со убава музика, незаборавни ритми и богата традиција! Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест – музика и традиција“ годинава го слави своето јубилејно 20-то издание. Како еден од ретките фестивали во регионот кој успешно го негува својот автентичен концепт веќе две децении, „Локум фест“ и овој пат носи спектакуларна програма која не смее да се пропушти.

Фестивалот е проект од национално значење, финансиран од Министерството за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува на јавни простори во рамките на манифестацијата „Бит фест“.

КОМПЛЕТНА ПРОГРАМА НА ФЕСТИВАЛОТ:

📅 16.07 (Четврток) – Свечено отворање во Хераклеа Линкестис (21:00 ч.)

Првата вечер започнува под ѕвезденото небо на Античкиот театар со звуците на „10-те бузуки на Домна“ од Грција! Ве очекува вечер исполнета со топол медитерански дух, силна емоција и врвна инструментална виртуозност.

📅 17.07 (Петок) – Настап на „Скопје Виа“ во Старата битолска чаршија

Култното место на битолските средби ќе оживее со „Скопје Виа“ – новата музичка сензација на овие простори. Овој етно акустичен состав со препознатлив џез израз го спојува традиционалниот звук со современиот урбан и балкански ритам, создавајќи автентична музика која веднаш ја освојува публиката.

Минатата година групата ја промовираше својата прва авторска песна со наслов „Под ова небо“, која во себе комбинира театарска експресија и современ балкански сензибилитет.

  • Членови на групата се: Јана Стојановска (актерка) – вокал, Мишел Трајковски – хармоника, Хилми Баки – виолина, Никола Петрушевски – кларинет, Влатко Пате – ударни инструменти, Кирил Златановски – контрабас, Ташко Грујоски – гитара и Васил Потиров – гитара.

📅 18.07 (Сабота) – Големо финале во Старата битолска чаршија

Последната фестивалска вечер носи врвно доживување со етно-проектот CAFE DE ANATOLIA (Били Естебан & Александар Јовевски). Веднаш по нив, сцената ја преземаат фантастичните DIVANHANA, а вечерта ќе се заокружи со специјален лајв сет со DJ Billy Esteban.

Информации за билети:

Обезбедете го вашето место на време! Билетите се достапни во онлајн продажба преку платформата Karti.com.mk, како и на самата билетара непосредно пред почетокот на настаните.

Собери го друштвото и биди дел од најголемиот балкански етно-фјужн спектакл годинава во Битола!

Сподели на:

Слични Написи