Пајак го објави својот прв студиски албум „2000 и некоја“

Христијан Настески – Пајак го објави својот прв студиски албум под наслов „2000 и некоја“. Станува збор за проект кој долго се најавуваше и уште подолго се очекуваше од неговите бројни обожаватели.
Зад албумот стои продукцијата Urban Records, предводена од Иван Јованов – Iwayo и Гордан Божиновски, чии улоги беа клучни во обликувањето на целиот материјал. Токму оваа соработка му ја дава на „2000 и некоја“ потребната продукциска цврстина, но воедно му остава и доволно простор на Пајак да го задржи својот препознатлив уметнички печат.
Во креативниот процес како дел од поширокиот авторско продукциски тим се вклучени и Лазар Цветковски, Луна, Таско, Тајзи и Елвир Мекиќ. Нивниот придонес јасно се чувствува во современиот звук и дел од текстовите, без притоа да се наруши автентичниот израз на младиот артист.
Природна динамика и силни дуети
Албумот носи природна динамика, од енергични, модерни клупски ритми, па сè до поинтимни и емотивни моменти. Песните како „Токсична“, „Допамин“, „Тајни“, „Ризик“, „Тотално луда“ и „Биди ми добра“ ја покажуваат неговата жанровска ширина, при што не звучат како одделни синглови, туку се надоврзуваат како дел од една заокружена музичка приказна.
Дуетите се еден од најживите сегменти на ова издание. Соработките со Тајзи, Тони Зен и Лара, како и темата „Делириум“ со Јован Јованов и Елвир Мекиќ, носат различна и свежа енергија, одлично вклопена во стилот на албумот.
Паралелно со студиската работа, зад неговите настапи и концертни активности цврсто стои Lollipop Entertainment Group, која успешно ја гради и одржува врската со публиката на терен, таму каде што песните ја добиваат својата вистинска тежина. Визуелниот идентитет и придружните видеоприказни се реализирани со посебно внимание – зад нив стојат Верица Божиновска и Steady Flow, додавајќи му уште еден слој на висока естетика и препознатливост на целиот проект.
Искрена и лична приказна
И покрај големиот и професионален тим кој стои зад него, „2000 и некоја“ во својата суштина останува исклучително личен албум. Во него се чувствува патот што Пајак го има поминато низ годините, не само како изведувач, туку и како автор кој постепено го пронаоѓаше својот зрел глас.
„Овој албум за мене има тежина што не можам лесно да ја објаснам со зборови. Не е само музика, туку еден подолг период од мојот живот во кој се случуваа многу работи – и убави и тешки. Сè што поминував во приватнот и професионалниот живот, на некој начин завршуваше како инспирација во студиото. Затоа ова е мојот прв проект каде што чувствувам дека сум целосно и до крај искрен со себе и со публиката. Оваа промоција ја доживувам многу емотивно, како нешто што долго време сум го носел во себе“, истакнува Пајак.
Со „2000 и некоја“, Пајак не само што ја крунисува својата досегашна успешна работа со хит синглови, туку поставува и многу појасна, позрела слика за својата позиција на самиот врв од домашната музичка сцена.
