Под Камениот мост тече времето, а над него живее споменот на Мариово

Како Мариово го добило своето име?
Постои легенда која вели дека регионот Мариово го добил името поради убавата владетелка Марија која се согласила да стане жена на султанот, со цел да го спаси својот крај од потурчување. Во минатото во Мариово имало многу народ, а денес тоа е крај каде господарат тишината, сонцето и каменот. Сурова, но величествена природа, впишана во срцето на Македонија, каде времето тече побавно, а приказните живеат во секоја пукнатина од земјата. Денес Мариово е тивко и осамено, но сепак овој преубав македонски крај носи повеќе душа отколку што зборовите може да опишат. Прошетката низ Мариово е одлична можност да дојдете во допир со богатото културно и природно богатство на оваа најретко населена област во Македонија.
Под Камениот мост кај село Зовиќ тече времето, а над него живее споменот на Мариово

Камениот мост кај Зовиќ не е само пат над вода – тој е патување низ времето, преку кој одекнуваат чекорите на минатото и тишината на Мариово. Во свет каде сè брзо се менува, мостот останува како тивок сведок на едно поедноставно и за многумина поубаво време, кога човекот живееше поблиску до природата и до себеси. Камениот мост се наоѓа во непосредна близина на селото Зовиќ, а неговата намена била премостување на Градешка Река и поврзување со населението од другата страна на реката, односно со мариовските села Бешиште, Полчиште, Старавина и Градешница. Мостот е изграден од делкани камени блокови и е препознатлив симбол на мариовскиот регион. Според кажувањата на мариовците порано на истото место имало дрвен мост, но во 1952 година се случил немил настан и мостот паднал. Имено додека Велко Трајковски жител на околните населени места преку дрвениот мост водел воловска кола, мостот се преполовил заради застареност и тежината на товарот и дрвениот мост се срушил. Кога се случила несреќата Велко заедно со колата и воловите паднале во реката. Како последица од падот тој имал сериозни повреди на ᾽рбетот, но преживеал и со одреден степен на инвалидитет успеал да дочека и длабока старост.
Фотографија: Камен мост и Градешка Река

На истото место на срушениот дрвен мост, жителите на селото решиле да направат нов но појак мост и затоа решиле да го изградат од камен. На тој начин селаните сакале да си обезбедат стабилен премин до нивните имоти кои се наоѓале од другата страна на реката. Камениот мост бил изграден во 1955/56 година, а мајстор бил Џуладин, по потекло од село Лабуништа, струшко. Во текот на тие 2 години додека го граделе новиот мост главниот мајстор Џуладин заедно со своите работници живееле во селото, а секоја куќа имала задача одреден период да се грижи и да ги храни мајсторите.
Фотографија: Промотивна фотографија од филмот Прашина:

Познатиот македонски режисер Милчо Манчевски, инспириран од убавината на мостот, на ова место сними дел од сцените на познатиот филмски хит „Прашина“. На тој начин видно се зголеми популарноста на мостот, па затоа денес заради филмските сцени, многумина освен „Камен мост“ го нарекуваат и „Филмски мост“.
Во 2014 година преку проект финансиран од Европската Унија, мостот е реставриран и го добива својот сегашен лик.
Фотографија: Живопис со приказ на Свети Ѓорѓи:

Многу интересен живопис се наоѓа веднаш пред Камениот мост. Таму на висока карпа се наоѓа живопис со приказ на Свети Ѓорѓи, кој датира од 1925 година. На живописот централно е поставена фигурата на свети Ѓорѓи на бел коњ, со развиорена црвена наметка, како го убива аждерот. Живописот е реставриран во 2006 година од страна на НУ „Завод и музеј – Битола“.
Фотографија: Воденицата кај Камен мост:

Во долниот дел од мостот, непосредно покрај Градешка Река се наоѓа воденица којашто населението ја користело за мелење на житарици. Воденицата е изградена од камен и била покриена со камени плочи коишто подоцна биле заменети со лимен покрив.
Нека следново видео биде покана да го посетите ова магично место и да го почувствувате спокојот што го нуди – токму онаму каде што времето и природата се среќаваат.
Видео:
Инстаграм: https://www.instagram.com/reel/DKz_0ltO8fB/?utm_source=ig_web_copy_link&igsh=MzRlODBiNWFlZA==
