|

Со историскиот квиз и богата програма свечено заврши манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“

Сподели на:

Со одржувањето на традиционалниот историски квиз „Илинденски час“ и свечената церемонија на спуштање на барјакот, синоќа во Крушево официјално заврши овогодинешното издание на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“, организирана од истоимената Национална установа.

Овогодинешното издание понуди исклучително богата, разновидна и квалитетна програма која во вистинска смисла на зборот го разубави и збогати големиот празник Илинден, привлекувајќи голем број посетители од целата земја и странство.

Во текот на празничните денови, Крушево беше центар на културните и уметничките случувања. На повеќе локации низ градот — од Гумење и Мечкин Камен, па сè до Летната сцена, Градскиот парк и Споменикот „Македониум“ — беа организирани бројни настани за сите генерации:

  • Музички концерти и настапи: Од традиционалните чалгии, КУД „Никола Јонков Вапцаров“, ансамблот „Танец“, „Ансамбл Македонија“ и вечерите на староградска песна, па сè до настапите на „Суперхикс“, „Фолтин“, „South Park“, „Ретро Кабаре“ „Поточиња“, „Пајак“ и диџеј сетови.
  • Културни и уметнички содржини: Монодрамата „Срам“ на Ангела Стојановска, детските театарски претстави („Супер Вселенко“ и „Република во фантазија“), промоции на книги и историски фотоработилници.
  • Изложби и традиција: Посебни вечери посветени на влашката и унгарската култура, изложби на фотографии од Атанас Нашоку – Саку, како и ликовни изложби.
  • Едукација за најмладите: Летната школа „Илинденка“ со едукативно-креативни работилници и драмски секции за деца и младинци.
Историски час 2026

Учесници на првото издание на возобновениот Илинденски квиз беа крушевчаните: Давид Јанкоски, Петар Стефановски, 
Бојана Стојческа
 и Анастасија Дуза, претставник на Скопје беше ученичката 
Екатерина Пејковска, а на Демир Хисар, 

Даријан Чамовски
.

Завесата на манифестацијата беше спуштена синоќа со историскиот квиз по историја „Илинденски час“, модератиран од Михајло Миленовски, настапот на КУД „Наум Наумовски Борче“ од Крушево, рециталот „Елегии за тебе“ во изведба на актерката Димитрина Мицкоска-Трајкоска, како и оддавањето почест на хероите на Гумење.

Упатуваме искрени честитки и голема благодарност до НУ ЦК „Десет Дена Крушевска Република“, директорката Захарија Ангелеска и сите оние кои на кој било начин помогнаа во организацијата и логистиката. Благодарение на нивниот труд, посветеност и ентузијазам, Крушево уште еднаш покажа како достојно се чува, слави и пренесува историското и културното наследство.

Нека ни е честит и вековит Илинден, а духот на Крушевската Република нека продолжи да нè обединува!

Сподели на:

Слични Написи