|

Сличности помеѓу Свети Трифун и Свети Валентин

Сподели на:

Денес се празнуваат Денот на вљубените и Денот на виното. Денот на вљубените се празнува во чест на Свети Валентин, а Денот на виното во чест на Свети Трифун.

Секогаш на овој ден меѓу луѓето има многу дебати за тоа кој празник треба да се слави повеќе. Вие сами одлучете што ќе славите, а ние Ви препорачуваме да го прочитате овој текст и ќе дознаете дека всушност и двата празници имаат многу меѓусебни сличности.

И двата празника се слават во исто време од годината, означувајќи го преминот од зима во пролет, а тоа е време на обновување и повторно раѓање во природата. И двата празника се симбол на плодноста и изобилството: Денот на Свети Валентин, е посветен на љубовта и раѓањето како плод на таа љубов, а Денот на Свети Трифун е посветен на лозјата и производството на вино, што исто така на некој начин симболизира раѓање на плодовите. 

И Свети Трифун и Свети Валентин живееле во третиот век и биле познати по својата добрина. правеле многу добрини и чуда. И двајцата светители правеле чуда, но биле и големи маченици затоа што го проповедале христијанството. Доживеале и иста смрт. И на двајцата, царот наредил да им биде отсечена главата со меч. Свети Трифун бил убиен во 250 година, а по 23 години бил убиен и Свети Валентин во 273 година. Свети Валентин живеел во Италија, а затоа што го проповедал христијанството, го осудиле и како затвореник бил погубен во градот Рим.

Свети Трифун се родил во малото селце Кампсада во Мала Азија. Потекнувал од многу сиромашно семејство и затоа уште како мало дете морал да заработува, а негова задача била да ги пасе гуските во селото. Дури и кога пораснал продолжил да им помага на сите и заради таа негова добрина бил награден од Господ да има моќ да ги лекува болните, да ги заштитува лозјата, нивите, градините и овоштарниците.

Благодарение на оваа своја моќ успеал да ја излекува царската ќерка и затоа како награда добил големо богатство од царот. Но, Свети Трифун не го задржал богатството за себе, туку го поделил на сиромашните луѓе, а тој продолжил да живее многу сиромашно, во пост и молитва, продолжил со своите добри дела и го проповедал христијанството.

Откако царот на престолот бил сменет, новиот цар го казнил Свети Трифун, заради тоа што го проповедал христијанството. Новиот цар наредил главата да му ја отсечат, а смртната пресуда врз Свети Трифун се случила токму на денешната дата (14-ти февруари). Заради таа причина 14-ти февруари е ден посветен на Свети Трифун.

На самиот крај ќе споменеме дека Православната црква ги празнува и двата светители, на 14-ти февруари Свети Трифун, а Свети Валентин се празнува на 12-ти август.

Сподели на:

Слични Написи