Денес се празнува Преподобен Наум Охридски Чудотворец

Свети Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен од бугарскиот цар Борис I за словенски епископ во Дрембица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на свети Архангел Михаил. Во манастирот, Св. Наум собрал големо монашко братство. Познато е дека се занимавал со литературна дејност.
Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од св. Климент во манастирската црква. Знаел многу јазици. Неговите чудотворни мошти до ден денес восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки болести, особено од лудило.

Чудата на Свети Наум
За Свети Наум се верува дека им помага и на душевно болните, а во таа насока постојат и две народни поговорки. Охридска поговорка „Кој за ум, кој за Свети Наум“ и прилепска поговорка „Ја ум, ја на Свети Наум“. Лекувањето душевно болни од страна на свети Наум е прикажано и на дел од фреските од црквата во неговиот манастир, а на оваа тема се пее и во една популарна охридска песна.
Ќе те носит, Русе, сети Наум
Таму Џоџе, Русе, ќе те венчат
и на гробот, Русе, ќе ми легнит,
белки умот, Русе, ќе му дојдит…
Најпознато чудо, од многуте, кое и денес се раскажува меѓу народот, запишано и од страна на Кузман Шапкарев, е приказната за волот и мечката, настан овековечен на фреската во охридскиот манастир посветен на Свети Наум.
Една мечка се намерачила на волот на слугата што го орал вакавскиот (манастирски) имот и го изела. Човекот се пожалил на Свети Наум и овој за кратко време ја нашол мечката и за уште пократко, ја припитомол. Па, ја спрегнал за казна заедно со волот три години да ора.
Меѓу месното население и денес се прикажува дека ни брод, ниту автобус не тргнува ако во него има крадец. Тоа најчесто се обистинува на денот на Свети Наум кога во манастирот се врши служба, се собираат верници, а луѓето за здравје преспиваат во црквата…
